/ Прочитано:

792

ОН: „Израел можеби извршил воени злосторства во Газа“

Среда, 23 јули 2014 – Високиот комесар за човекови права на ОН, Нави Пилај изјави дека Израел можеби извршил воени злосторства за време на воената офанзива против милитантите на Хамас во Појасот Газа.

„Израел можеби извршил воени злосторства убивајќи цивили, гранатирајќи куќи и болници во текот на двонеделната офанзива во Газа“, изјавила денеска високата комесарка за човечки права на ОН, Нави Пилај, јавуваат светските медиуми.

Според неа, постои голема веројатност дека меѓународните закони биле прекршени.

Отворајќи ја итната седница на ОН за човекови права во Женева, Пилај ги осудила и палестинските милитантни од Газа, припадниците на Хамас, за неселективно ракетирање на Израел.

Најмалку десет Палестинци и два израелски војници загинале во синоќешните напади на Газа, додека расте бесот на Палестинците, кои го обвинуваат Израел дека ги прекршил сите меѓународни и морални закони што „никогаш нема да го заборават и да го простат“, пренесува „Би-би-си“.

Бројот на жртвите во шеснаесеттиот ден се искачил на 639, а на ранетите на околу 4.000, објавило министерството за здравство на Газа. Над 118.000 луѓе избегале од густо населената палестинска енклава и нашле засолниште во камповите на ОН.

„Исполнети сме со гнев и никогаш нема да заборавиме и простиме“, кажал палестинскиот претседател Махмуд Абас на почетокот на итната владина седница во Рамала на Западниот брег.