/ Прочитано:

986

ФЗОМ: Осигурениците со нови поголеми права за ортопедските и други помагала

Среда, 6 ноември 2013 – Новите правила за ортопедските и други помагала кои имаат за цел зголемување на правата на осигурениците кои ги коритстат овие помагала стапуваат на сила од 12 ноември годинава, истакна на денешната прес-конференција директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова.

Според Парнарџиева-Змејкова, трошоците кои ќе ги предизвикаат овие измени се во вредност од околу 15 милиони денари годишно.

„Измените се групирани во осум дела: прво новите протези за долни екстремитети-вештачки нозе, право кое досега беше овозможено на секои три години, сега го овозможуваме на секои две години за лица од 18-65 години. Оваа новина е по барање од Националниот сојуз „Мобилност“. Ова право го користат 627 лица, правото до миоелектрична протеза за горен ектрремитет, ќе се оствари на секои две години, односно има скратување од 36 на 24 месеци за деца од 6 до 18 години (по барање на осигуреници и здравствени установи). Ова право воедно е и најсофистицирано, бидејќи станува збор за мобилна вештачка рака“, рече Парнарџиева-Змејкова.

Таа исто така посочи дека се намалува партиципацијата за надколените и подколените ортози од досегашните 100 денари на минимум законски износ од само 10 денари, а овој бенефит ќе го почувствуваат  1.144 лица годишно.

„Се овозможува и почесто да се менуваат ортопедските чевличиња и за дечиња до 7 години. Ако досега можеле да ги менувале на товар на Фондот еднаш во годината, сега истото можат да го прават два пати во годината. Се скратува рокот и за деца и млади од 7 до 18 години кои наместо еднаш годишно, ова право сега ќе го остваруваат на 9 месеци (по барање од Националниот сојуз „Мобилност“ и осигуреници). Оваа новина е на задоволство на 5.032 лица во просек годишно“, потенцира Парнарџиева-Змејкова.

Со измените, како што рече Парнаџиева-Змејков наместо на секои две години жените ќе имаат право да добијат ортопедско помагало – вештачка дојка (силиконска) еднаш годишно (по барање на Здружението „Животна искра“),  бенефит кој ќе го почувствуваат 783 жени во просек годишно, а е предвидено и воведување ново помагало – привремена очна протеза за сите возрасни групи (по барање на осигуреници), помагало кое ќе го користат  53 лица.

„Новините се однесуваат и на: поголем избор на ортопедските помагала Подколен апарат со скочен зглоб и метална сандала и Радијалис апарат со воведување софистицирани сериски прилагодувања (по барање на ортопедски куќи), како и полесно да се дојде до ортопедското помагало Надколена корективна лонгета со корекција на контрактури во колено и скочен зглоб со специјалност хирург (по барање на Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје).  Наместо со препорака од ортопед, сега може и од хирург“, наведе таа.

Директорката на ФЗОМ Изрази надеж дека измените ќе придонесат за поквалитетен живот на овие групи на осигуреници и ќе им се овозможи непречено соочување со секојдневните предизвици, барем во овој домен на ортопедски помагала кој е во надлежност на Фондот.

Вкупен број на осигуреници кои се опфатени годишно со овие олеснувања изнесува 7.700 осигурени лица.

„Фондот од вкупниот буџет троши два проценти за ортопедски помагала, или во последните три години од 350 милиони денари годишно износот се зголеми на 450 милиони денари. Најголемите три ставки во делот на ортопедските помагала се издвојуваат за: пелени (160 милиони денари), кеси за стоми – вештачки отвори 65 милиони денари и ортози за р’бетен столб 49 милиони денари“, додаде Парнарџиева Змејкова и најави големи контроли од страна на Фондот за да се осигура дека нема да  постојат злоупотреби при остварувањето на овие права и дека вистинските осигуреници ќе ги добијат вистинските ортопедски помагала на задоволство на осигурениците.