/ Прочитано:

1.168

Основен суд Скопје 1: Нема елементи на кривично дело во сообраќајката во која загина Младенов

Вторник, 9 април 2013 – Од Основен суд Скопје 1 денеска излегоа со официјални информации за сообраќајната незгода во која загина новинарот и основачот на „Фокус“, Никола Младенов. Според фотодокументација, анализите од судска медицинина и извештајот на крим техничарите, засега нема елементи на кривично дело,  не постојат ниту докази дека во настанот учествувало друго возило или други лица, информираат од судот. Обвинителството треба да одлучи дали ќе спроведе истрага за тоа каде и со кого се движел Младенов и дали ќе побара вештачење за техничката исправност на возилото.

Од досегашните анализи на судска медицина утврдено е дека Никола Младенов починал како резултат на пукање на аортата поради силниот удар. Возилото на Младенов се движело со брзина од 160 километри на час, а од анализите се утврдува дека тој не бил врзан со сигурносен ремен. Според наодите, во едната рака држел цигара. Според судот, она што е сигурно е дека изгубил контрола над возилото и излетал од патот, но останува нејасно зошто ја изгубил контролата врз возилото. Наодот на судска медицина укажува на тоа дека нема присуство на алкохол и на психотропни супстанции во телото на Младенов. 

Во врската со информациите дека на местото на кое автомобилот излетал од патот има траги од кочење, било утврдено дека станува збор за две други изолирани сообраќајни несреќи коишто се случиле во 2010 и во 2012 година.

„Она што беше дел од шпекулации во јавноста дека имало контакт со друго возило, можам да кажам дека такви анализи немаме. Од левата страна на возилото нема траги од контакт од друго возило и трагите од боја кои се наоѓале од десната страна од возилото според анализите, официјални, не потекнуваат од боја која се става на автомобили, туку се работи за антикорозивно средство“, изјави портпаролот на Основен суд Скопје 1, Владимир Туфегџиќ.

Во врска со техничката исправност на возилото, од судот информираат дека се уште не е познато дали мерцедесот на Младенов бил технички исправен бидејќи за тоа е потребно дополнително вештачење, за кое налог може да издаде обвинителството или семејството на Младенов да ангажира приватно вештачење.  

Во врска со мобилниот телефон на Младенов, Туфегџиќ рече дека не поседува информации за негово евентуално пронаоѓање, и дека целата оваа документација ќе биде предадена до Основното јавното обвинителство кое понатаму треба да одлучи дали ќе отвори истрага во врска со сообраќајната несреќа.