/ Прочитано:

1.812

Основен суд Скопје 1: Штрајкот во Истражниот затвор Шутка е прекинат

Петок, 24 април 2015 – Основниот суд Скопје 1 ја потврди информацијата на Народниот правобранител објавена во дел од медиумите дека изминативе денови притворени лица во Истражниот затвор Скопје штрајкувале со глад. Oттаму потенцираат дека штрајкот денеска е прекинат.

Од Судот  истакнуваат дека надлежен судија денеска извршил редовна посета на Истражниот затвор, каде што разговарал со притворените лица и остварил средба со директорот на институцијата.

„Судијата констатирал дека се работи за помала група лица кои се дел од еден ист кривично–правен предмет кој се води во судот, кои штрајкувале на начин што изминатите денови ја одбивале храната од Истражниот затвор, но редовно ги добивале пакетите со храна и други намирници и кантината. При посетата, судијата е известен од директорот на Истражниот затвор дека штрајкот од денеска е прекинат и во затворот нема посериозни непочитувања на редот“, информираат преку соопштение од Судот.

Речиси 7 отсто од предметите биле притворски

Од Судот наведуваат дека лани од вкупно 8.670 предмети, 590 биле притворски.

Инаку, што се однесува до мерката притвор што ја изрекуваат судиите од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, од Годишниот извештај за 2014 година произлегува дека во Кривичниот оддел – полнолетни, Одделението за организиран криминал и корупција, Одделот претходна постапка (КПП) и Одделот претходна постапка – организиран криминал и корупција (КОК ПП) во извештајната 2014 година постапувано е во вкупно 8.670 предмети, од кои 590 предмет биле притворски или мерката притвор била изречена во 6,80% од вкупниот број на предмети по кои постапувале судиите во овие оддели, што во споредба со претходните години претставува значително намалување на одлуките за определување на мерка притвор, се вели во соопштението.