/ Прочитано:

2.183

ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ 2: Првото полугодие, Судот го заврши со зголемена ажурност и ефикасност

Вторник, 16 септември 2014 – Основниот суд Скопје 2 Скопје првото шестмесечно полугодие од 2014 година го заврши со зголемена ажурност и ефикасност, известуваат од Судот.

„Имено, во првото шестмесечно полугодие од 2013 година, во Основниот суд Скопје 2 Скопје вкупно во работа имало 58.418 предмети. Од нив решени се 20.371 предмети, при што заклучно со 01.07.2013 година, останале вкупно 38.047 нерешени предмети. Во споредба со првото шестмесечно полугодие од 2013 година, во првото шестмесечно полугодие од 2014 година, вкупно во работа имало 58.329 предмети, од кои решени се 40.604 предмети, а заклучно со 01.07.2014 година, нерешени останале 17.725 предмети“, се вели во соопштението на Основен суд Скопје 2.

Оттука,како што додаваат од Судот, во првото шестмесечно полугодие од 2013 година, биле решени 20.371 предмети по сите основи, а во истиот период во 2014 година, поради зголемената ажурност и ефикасност на судиите решени се 40.604 предмети, што значи дека оваа година решени се 20.233 предмети повеќе од овој период минатата година.

„Компаративно со заостатокот од 38.047 нерешени предмети од првото шестмесечно полугодие во 2013 година, оваа година заклучно со 01.07.2014 година, вкупниот заостаток на нерешени предмети изнесува 17.725 предмети, од што произлегува дека Основниот суд Скопје 2 Скопје го совладал приливот на предмети, а заостатокот на нерешени предмети го намалил за 20.332 предмети“, се наведува во соопштението.