/ Прочитано:

1.643

Основниот суд Скопје 2 најефикасен во 2014 година — решени 62.804 предмети

Вторник, 31 март 2015 – Најголемиот граѓански суд во земјава, Основниот суд Скопје 2, во 2014 година решил 62.804 предмети. За разлика од 2013 година, кога биле решени 38.159 предмети, речиси двојно е зголемен бројот на решени предмети, информираше денеска на Денот на правосудството портпаролот на Судот, Сања Томиќ.

Основниот суд Скопје ја започнал 2014 година со 36.479 предмети пренесени од претходната година. Истата година во Судот се примени 42.028 нови предмети, што значи дека во текот на годината во работа имало вкупно 78.507 предмети.

„Основниот суд Скопје 2 Скопје ја заврши годината со најдобри резултати од сите судови во државата“, истакна Томиќ.

Најголем број од предметите по кои постапувал овој Суд се платни налози по приговор. Имено, Судот лани работел по 14.239 вакви предмети од 2013 и 2014 година, а решени се 8.877.

Обжалени – 8.107 одлуки

Томиќ посочува дека за квалитетот на одлуките на судиите говори фактот што биле обжалени 12,91 отсто од одлуките, како и тоа што најголемиот дел од одлуките биле потврдени од повисокиот суд.

„Од вкупно 62.804 решени предмети во 2014  година обжалени се само 8.107 одлуки, што, пак, претставува 12,91% од вкупниот број донесени одлуки, што посебно зборува за квалитетот на одлуките. По однос на нивниот квалитет, од 8.107 обжалени одлуки, потврдени се 74,46%, преиначени се 0,62%, а укинати се само 1,34% од обжалените одлуки “, рече Томиќ.

Постапките во просек траеле по 3 месеци

 Од Судот објаснуваат дека времетраењето на судските постапка сега е 91 ден, или просечно по 3 месеци, што, пак, во однос на претходната година, кога постапката траела 348 дена или една година и 29 дена, претставува драстично намалување на времетраењето.

„Во контекст на кажаното, може слободно да се констатира дека Судот во извештајната година ги почитувал законските рокови за решавање на предметите и бил ажурен и ефикасен суд“, потцрта Томиќ.

Од декриминализација на клеветата до денес –  367 постапки

Од 2012 година, кога клеветата беше декриминализирана до денес во Основниот суд Скопје 2 се заведени 367 предмети со основ- клевета навреда. Новинарите, како тужители или тужени, се јавуваат во 119 постапки.

Е. П.