/ Прочитано:

1.349

Основното јавно обвинителство склучи Спогодба за затворска казна со лице обвинето за криумчарење на мигранти

Среда, 13 мај 2015 – Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Спогодба за затворска казна со лице обвинето за криумчарење на мигранти, известуваат од Јавното обвинителство.

„Минатиот месец на 14.04.2015 година на автопатот Гевгелија – Скопје на крстосницата за Велес и Штип, обвинетиот – возач на камион е запрен од страна на полицијата при што било откриено дека превезува 150 мигранти во две камионски прилколки. Исплашените мигранти се разбегале по околните ниви, при што 15 мигранти од кои две малолетни лица и едно бебе биле фатени и префрлени во Прифатниот центар во Скопје“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

При истрагата, додаваат од Обвинителството, било утврдено дека за патот низ Република Македонија мигрантите плаќале 1000 евра од лице, од кои, како награда за извршената услуга возачот требало да земе по 50 евра од превезено лице.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по прибирање и предочување на сите докази на осомничениот, склучи Спогодба со едно лице обвинето за сторено кривично дело – Криумчарење на мигранти, при што е договорена затворска казна во траење од 5 години и 6 месеци.Судијата од Основниот суд Скопје 1 – Скопје ја прифати Спогодбата и донесе соодветна Пресуда со која на обвинетиот му е определена казна – Затвор во траење од 5 години и 6 месеци и му е одземен камионот со кој ги превезувал мигрантите“, се наведува во соопштението.