/ Прочитано:

708

Осумдневен притвор за шестмина учесници во протестите против пресудата за „Монструм”

Недела, 6 јули 2014 – „МВР интензивно продолжува да работи на целосно расчистување и документирање на агресивните и исклучително насилни протести од петокот односно на идентифиување на сите вандали и хулигани коишто ја каменуваа полиција, ги повредија полициските службеници и ја оштетија зградата на Судот“, изјави денеска помошник министерот за вантрешни работи, Иво Котевски.

Врз основа на досега преземeните мерки идентификувани се 24 учесници во насилните протести од петокот, од кои шест вчера се изведени пред судија на претходна постапка со кривична пријава за основано сомениние дека сториле кривично дело „учество во толпа и спречување на службено лице при вршење на службено дејствие“.

Според повратни информации кои ги имаме, информира Котевски, надлежниот суд на овие шест лица веќе им има изречено мерка притвор во време од осум дена и истите се префрлени во истражен затвор.

МВР, нагласти тој, во моментот ги документира доказите за уште две лица кои во натамошна постапка исто така ќе бидат кривично гонети.

Против девет лица пак е поднесена прекршочна пријава и се издадени платни налози за глоби. Врз основа на полициските видео снимки и снимките прибавени од медиумите, појасни Котевски, идентификувани се уште седум лица, дел од нив се обезбедени, а останатите ќе бидат повикани. По целосно завршување на постапката, истакна портпаролот на МВР, и за овие лица ќе бидат процесуирани соодветни пријави.

Во врска со вчерашните протести пак, МВР приведе три лица и по завршување на консултациите со Обинителството, ќе биде донесена одлука дали и каква постапка ќе се превземе.

Денеска нови протести низ неколку градови низ Македонија

Нови протести  денеска се одржаа во повеќе градови во Македонија. Мирни протести се одржаа во Струга, Кичево, Гостивар и во Скопје. За разлика од претходните два дена, протестите во Скопје, на кои имаше неколку стотини луѓе, денеска беа мирни. Протестите повторно почнаа кај Јаја Паша џамијата, но големите полициски сили кај трговскиот центар Мавровска не им дозволи на демонстрантите да продолжат понатаму.

Дел од медиумите јавуваат дека во Тетово дошло до судири со полицијата, кога демонстрантите се упатиле кон седиштето на ДУИ во Мала Речица. Полицијата употребила шок-бомби за да ја растера толпата.