/ Прочитано:

727

Осуммина демонстранти кои учествуваа во протестите за „Монструм“ ќе седнат на обвинителна клупа

Среда, 16 јули 2014 – Осуммина лица кои учествуваа во протестите на 4-ти овој месец пред објектите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје и Основниот суд Скопје 2 – Скопје, при што со камења и други тврди предмети беа оштетени фасадите на објектите и повредени неколку полициски службеници во понеделник, 21 мај, ќе седнат на обвинителна клупа.

„Во врска со предметот поврзан со протестите кои на 04.07.2014 беа одржани пред објектите на Основните судови Скопје 1 и Скопје 2, а со К.бр. 2242/14, надлежен судија главната расправа ја закажа за 21.07.2014 година во 9.30 часот, а воедно утврдени се и термини на 22 и 23 јули 2014 година исто така во 9.30 часот“, информираат од Основниот суд Скопје 1.

Според обвинителниот акт за кривичното дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ од член 385 став 2 в.в со став 1 од КЗ, се товарат А.Р., М.Б., Р.В., А.А., Е.И., И.М., Р.Б, и Ф.З.
Пред неколку дена, судија на претходна постапка на сите осум обвинети им ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена. 

Согласно Кривичниот законик, за кривичното дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ е предвидена казна затвор и до 5 години , односно: Став 2. „ Ако при дејствувањето на толпата некое лице е лишено од живот или тешко телесно повредено или настапи штета од големи размери, учесникот во толпата за самото учество, ќе биде казнет со затвор од три месеци до пет години.“ Став 1. „Тој што ќе учествува во толпа што со заедничко дејствување ќе стори насилство спрема луѓе или ќе оштети или ќе уништи имот од поголема вредност ќе се казни со парична казна или со казна затвор до три години.“

Е. П.