/ Прочитано:

928

Отсуство на стабилна и трајна независност на судството и судиите — нотира Антикорупциска во 2014 година

Четврток, 16 април 2015 – Отсуство на стабилна и трајна независност на судството и судиите, недоволна транспарентност во работењето, отсуство на севкупен капацитет на јавното обвинителство за остварување на новата улога, недоволна самостојност на Државното правобранителство на Република Македонија и отсуство на системски контроли врз работењето на нотарите, адвокатите и извршителите се утврдени како проблеми за појава на корупција и судир на интереси во извештајот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за 2014 година во делот што се однесува на правосудството.

Од ДКСК посочуваат дека во овој сектор има извесен напредок во реализацијата на активностите предвидени со Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и Државната програма за превенција и намалување на појавата на судирот на интереси и нивните акциони планови 2011 – 2015. Од предвидените 23 активности реализирани се 9, во тек се 11 и нереализирани се 3 активности.

Во наредниот едногодишен период, со кој ќе се заокружи следењето на реализацијата на Државната програма, фокусот во овој сектор, како што посочуваат од Антикорупциска, ќе биде ставен на оние мерки што воопшто не започнале да се реализираат, но истовремено континуирано ќе се следат ефектите од активностите што се во тек на реализација.

„ Тоа пред сѐ се однесува на натамошно подигање на независноста на судството и судиите како трајна и стабилна вредност соодветна на позицијата на судството како власт рамноправна со законодавната и извршната власт. Треба и натаму да се работи на елиминирање на можностите од надворешни влијанија и притисоци врз судството и судиите и особено врз квалитетот на правораздавањето, транспарентноста и перцепцијата на граѓаните и севкупната јавност за реалната независност на судството и судиите што е основен фактор за владеење на правото и на правната култура во земјава. Во таа смисла, во Државната програма се утврдени интервенции во Законот за судовите, Законот за судскиот совет на Република Македонија, Законот за Академија за судии и јавни обвинители и Законот за судски буџет“, се вели во Извештајот за работата на антикорупционерите во 2014 година.

Во рамките на активностите за јакнење на севкупните капацитети на јавното обвинителство за остварување на новата улога во согласност со новиот Законот за кривична постапка, од ДКСК наведуваат дека се во тек се повеќе активности за негова примена, вградувањето нови кривични дела, изборот на јавниот обвинител и системските контроли врз работењето на адвокатите, нотарите и извршителите.

„Како сѐ уште нереализирани се повеќето активности што се однесуваат на транспарентноста на стандардите за работа на јавните обвинители, и тоа оние што според својата природа на спаѓаат во класифицирани информации. Од аспект на подигање на ефикасноста во практичното постапување на ДКСК и нејзината улога во превенцијата и репресијата на корупцијата постојано е актуелно прашањето за процесниот карактер на иницијативата за кривично гонење што ДКСК ја доставува до јавното обвинителство, а која има поголема тежина од кривичната пријава што како алатка му стои на располагање на секој граѓанин“, се истакнува во Извештајот.

„Како активност која сѐ уште не е реализирана е и пресретнувањето на можноста за кумулирање на процесна и друг вид јавна моќ поради овозможувањето активни јавни обвинители да вршат наставна дејност, што е веќе спречено кај одделни јавни професии“, се додава.

Од Комисијата укажуваат дека сѐ уште останува потребата од предвидените подобрувања на нормативната рамка што се однесува на Државното правобранителство на РМ со цел да се обезбеди поголема самостојност на Државниот правобранител на РМ.

Политички сектор: Недоволна транспарентност и недоволен надзор врз  финансиското работење на политичките партии

Освен правосудството, Државната програма, која  претставува акт на планирање на борбата против корупцијата и судирот на интереси, бележи уште десет сектори во општеството кои од искуството се покажуваат како ризични подрачја. Така, во Државната програма се утврдени и: политичкиот сектор, јавната администрација, органите за спроведување на законот, царината, локалната самоуправа, јавниот сектор, здравството, секторот труд и социјална политика,  образованието и спортот,  приватниот сектор и медиумите и граѓанското општество.

Во политичкиот сектор утврдени се 5 проблеми, односно ризични фактори за корупција и судир на интереси за чие надминување се утврдени 9 активности. Како проблеми за совладување се означени: недоволната транспарентност и недоволниот надзор врз тековното материјално–финансиско работење на политичките партии, синдикатот и граѓанските организации; слабости во изборната регулатива; високиот степен на дискрециони овластувања со големи разлики меѓу одделени јавни функции; отсуство на ефекти од примената на Законот за лобирање и високиот процент на закони донесени по кратка односно итна постапка.

„Од предвидените 9 активности во изминатиот период не се реализирани дури 6, и тоа: не е изменет Законот за банките за да се овозможи достапност на Државната комисија за спречување на корупцијата до банкарските изводи од жиро-сметките на политичките партии, синдикатите и граѓанските организации. Фактот што ДКСК не е меѓу институциите што според Законот за банките се утврдени да имаат достапност до овие жиро-сметки се јавува како пречка ДКСК квалитетно и ефикасно да иницира надзор над материјално–финансиското работење на партиите, синдикатите и граѓанските организации што е нејзина законска надлежност во согласност со Законот за спречување на корупцијата“, се истакнува.

Истата пречка постои и во постапувањето на ДКСК во однос на финансиските извештаи на политичките партии за нивното тековно работење и за финансирањето на изборните кампањи.

„И покрај тоа што во Законот за спречување на корупцијата е утврдено дека клаузулата банкарска тајна не важи кога е во прашање контрола на финансиите во изборите, неусогласеност меѓу нормите на овој закон и на Законот за банките оневозможува ДКСК да ги користи изводите како своја оперативна алатка. Не е направена анализа на дискреционите известувања кои на различни нивоа на функции и друг вид јавни овластувања придонесуваат за превисок степен на примена на овластувањата без прецизни и усогласени термини што создава можност за индивидуализирани несоодветни поимања за користење на јавните овластувања и ризик од прекумерни компетенции и привилегии“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека дури 4 активности коишто не се реализирани се однесуваат на заживување на Законот за лобирање со измени во Законот којшто не се применува во практиката и со воведување регистар, етички кодекс, водичи и едукација за лобирањето. Се работи за етичко-правен институт којшто се однесува на внесувањето ред во легалното и легитимното работење во полза на одредени интереси и центри, при што се остваруваат значајни средства и друг вид придобивки.

„Факт е дека во Република Македонија многу е раширено т.н. ‘диво’ лобирање и дека тоа се прави под форма на разни демократски граѓански слобода и права, при што се остваруваат материјални придобивки, а се бега од можноста за какво и да е регуларно и соодветно третирање на ваквата практика како дејност од јавен карактер“, се вели во Извештајот.

Антикорупционерите потцртуваат дека  и натаму треба да се работи на подобрување на изборната регулатива.

Органи за спроведување на законите: недоволната координација и ефикасност

Како органи за спроведување на законот, покрај Државната комисија за спречување на корупцијата, во Државната програма се посочени и Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција и Царинската управа на РМ. Како проблеми утврдени во Државната програма во овој сектор се недоволната транспарентност во работењето, недоволната координација и ефикасност на институциите и слабата транспарентност и отчетност во однос на откривањето на имотната состојба на јавните функционери.

„Органите се должни целосно да се усогласат со Законот за електронско управување во насока на воспоставување на системот за интероперабилност. Во тек е процесот на подобрување на кадровско техничката екипираност на институциите за примена на специјални истражни мерки во делот на обезбедување на потребниот и соодветен кадар, како и техничката опременост на институциите. Во врска со следењето на имотната состојба на носителите на јавни функции и овластувања, започнати се измени на Законот за спречување на корупцијата и на Законот за спречување судир на интерeси со цел воведување регистар на сите службени лица задолжени да дадат анкетен лист и изјава за интереси на централно и на локално ниво“, се вели во Извештајот.

Јавна администрација: отсуство на прецизни процедури за работа во јавната администрација

Општа оцена на ДКСК е дека во јавната администрација е нужно да се пропишат прецизни, транспарентни процедури за работа бидејќи без нив секогаш постои можност за арбитрарно одлучување, особено во располагањето и управувањето со јавните средства, со материјалните и човечките ресурси со ризик за нивна употреба за лични и други користољубиви цели.

Како конкретни проблеми се дефинирани пет ризици, и тоа: недовоспоставен децентрализиран систем за управување со јавните средства и недоусогласени процедури за финансиско управување и контрола; недоволни гаранции за спроведување на процедурите за работа; немање процени за ризикот од корупција; отсуство на систематизирани мерки, односно планови за интегритет за спречување на корупцијата и недостиг на јавна контрола врз работата на администрацијата.

 За надминување на овие проблеми предвидени се вкупно 15 активности, од кои во тек се 12, а 3 се нереализирани.

Царина: недостиг на стриктно спроведување на постапките

Во секторот царина се утврдени три ризични фактори за појава на корупцијата и судирот на интереси и се однесуваат на недостиг на гаранции за стриктно спроведување и почитување на стандардните постапки и процедури од страна на вработените во Царинската управа, недостиг на процена на ризикот од појава на корупција во Царинската управа и недоволно развиен систем на комуникација и соработка со јавноста.

„Во Државната програма е утврдена потреба за воведување гаранции за стриктно спроведување и почитување на постапките и процедурите од страна на вработените, што е сама по себе активност во тек. Таа подразбира воведување и спроведување посебни истражни мерки за собирање релевантни докази за коруптивно и незаконско однесување на царинските службеници“, се наведува во Извештајот.

Приватен сектор: недоволно мерки за превенција на корупцијата и јакнење на интегритетот

Приватниот сектор е нова точка на фокус во Државната програма поради, како што се истакнува во Извештајот на Антикорупциска, потребата да се воведат стандарди во бизнис-сферата и да се подигне капацитетот на сите учесници за спречување на незаконитости и неетичност во оваа сфера која исто така не е имуна на корупција и судир на интереси.

Оттаму, во овој сектор се утврдени четири проблеми што се состојат во: недоволно мерки за превенција на корупцијата и јакнење на интегритетот, недоволно познавање на проблемот, недоволна информираност за Законот за заштита на конкуренцијата и недоволен капацитет на Комисијата за заштита на конкуренцијата за спроведување на законот како и недоволна транспарентност на спонзорствата и донациите зад кои се крие можност за корупција. Од предвидените 13 активности, реализирани се 4, нереализирани се 5, а  во тек се 4 активности.

„Од петте нереализирани активности дури четири се однесуваат на спонзорствата и тоа нивно континуирано следење по обем, вид и опфат, транспарентност за еднаков третман на спонзорствата, воведување обврска за потпишување изјава за судир на интереси за сите вклучени страни и воведување образец на договор за спонзорство со елементи кои ќе превенираат корупција, точно прецизирање на услугите што се примаат и што се даваат, пресретнување на непринципиелни условувања и предвидување пенали за неисполнување на договорот. Иако е утврдено дека сѐ уште не е изменет Законот за донации и спонзорства во јавните дејности“, се вели во Извештајот.

Медиуми и граѓанско општество: нетранспарентност при доделувањето јавни финансиски средства

Согледаните проблеми од страна ДКСК поврзани со корупцијата и судирот на интереси во секторот медиуми и граѓанско општество се: нетранспарентност при доделувањето на јавни финансиски средства на здруженијата и фондациите, стекнувањето статус на организации од јавен интерес, доделувањето јавни средства на 27 наменски основани здруженија, што создава сомнеж за коруптивно и непродуктивно трошење на јавните средства, трошењето на јавни и буџетски средства во медиумите, концентрација на сопственост на медиуми и прикривање на сопственоста врз медиумите, поврзаноста на медиумите со центрите на политичка моќ.

По сопствена иницијатива Комисијата оформила само 17 предмети – злоупотребата на јавните овластувања најчеста форма на коруптивно однесување

ДКСК лани постапувала по околу 1.500 предмети. Во периодот јануари – декември 2014 година се оформени вкупно 158 предмети, од кои 141 по пријава за постоење елементи за корупција од граѓани, правни лица и други и 17 предмети оформени по сопствена иницијатива на ДКСК. Во наведениот период се постапувало по вкупно 426 предмети од областа на спречување на корупцијата, од нив, решени се вкупно 193 предмети.

Во врска со изборниот процес на претседателските и предвремените парламентарни избори 2014 година биле оформени вкупно 1356 предмети, од кои 1335 по барања мислења за примена на одредбите од Законот за спречување на корупцијата, 5 предмети по исто толку пријави од една политичка партија, 6 предмети по пријава од една политичка партија, 1 предмет по пријава од здружение и 9 предмети биле оформени по сопствена иницијатива на ДКСК.

Во текот и по завршувањето на изборниот процес решени се вкупно 1351 предмет, од кои дадени се 1335 мислења и решени се 16 предмети.

„Од предметите врз кои ДКСК има работено може да се констатира дека најчести форми на коруптивно однесување се злоупотребата на јавните овластувања во располагањето со буџетските и јавните средства и добра, несовесното вршење на јавните овластувања, пречекорувањето на службените овластувања, подредувањето на јавниот интерес на приватниот, групен или личен интерес, трговија со влијание, прикривање на имотната состојба и промените во неа, отсуство на интегритет и отпорност кон корупција, при што е евидентно дека ваквите девијации се најдиректно изразени во локалната сфера со непосредни последици врз индивидуалните права на граѓаните“, се констатира во Извештајот.

Во 7 предмети ДКСК одлучила до Јавното обвинителството да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на избрани или именувани функционери, службени лица или одговорни лица во јавни претпријатија, јавни установи и други правни лица што располагаат со државен капитал, додека во 3 предмети одлучила да покрене иницијатива за поведување постапка пред надлежен орган за разрешување на одговорно лице.

Барања за поведување на прекршочни постапки поради недоставување анкетен лист против 51 функционер

Во извештајната 2014 година ДКСК, согласно со законските надлежности против 51 избрани и наименувани функционери до надлежниот суд поднела барања за поведување прекршочни постапки поради недоставување анкетен лист, односно непријавување промени во имотната состојба. Во овој период по овие и по претходно поднесените барања судовите донеле 32 одлуки.

„ДКСК и натаму има тешкотии со обезбедување на основните податоци (ЕМБГ и адреса на живеење) за функционерите кои не поднеле анкетен лист, а за кои треба да се поднесе прекршочна пријава. За надминување на овој проблем е предвидена конкретна активност во Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси 2011-2015 со измена на Законот за спречување на корупцијата во насока на воведување регистар на функционери“, се наведува во Извештајот.

Во 2015 со дури 45 отсто поголем буџет

Државната комисија за спречување на корупцијата 2014 година ја започнала со буџет од 21.666.000,00 денари од кои се реализирани 20.863.835,00 денари, односно 96,30 %.

„Државната комисија за спречување на корупцијата по деталното образложение на предлог-буџетската пресметка на 2015 година од Министерството за финансии за 2015 година има побарано 33.300.000,00 денари, а одобрени се 31.232.000,00 денари, со што е зголемен буџетот на ДКСК од претходните години за 45%“, се наведува во Извештајот.

Вчера во Собранието на РМ свечена изјава дадоа новите членови на ДКСК откако на старите им истече четиригодишниот мандат. Денеска за нов претседател, од редовите на Комисијата, беше именуван Горан Миленков, адвокат од Скопје.

>> Извештај за работата на ДКСК за 2014 година

Е. П.