/ Прочитано:

1.985

Оттуѓеноста и отсуството на почит и љубов за другите создаваат криминалци и садисти, велат психијатрите и криминолозите

Личноста погрешно се структуира во детското доба. Она што е карактеристично за тие личности е ситуација на можност за извршување на потенцијално кривично дело, но овде, исто така, станува збор за морбидно и свирепо дело и тука не може да се говори за претходна намера, вели во јавно презентираната психоанализа за морбидното убиство во Србија, Д-р Милутин Недановиќ, директор на Клиниката за психијатриски болести во Белград. Тој вели дека овој проблем не е локален и дека според анализите, девијацијата зема широк европски замав. Криминологот Златко Николиќ, пак, додава дека покрај овие елементи, во конкретниот случај се работи за еден од потешките облици на садизам. Посочениот убиец од органите на прогонот, според нив, бил потполно свесен за извршувањето на злосторот.

Не се работи за душевно заболување, туку за нарушување на структурата на личноста

Психијатарот Недановиќ смета дека извршителот на злочинот, за кого има голем број реакции и казнено-правни дилеми, не е душевно болен човек, туку дека знаел што прави и што направил за што стручно ги посочува конретните волеви елементи и реакциите и дејствијата за избегнувањето на одговорноста.

„Сите тие луѓе кои имаат нарушување во структурата на личноста се одговорни личности и тој сигурно го знаел значењето на извршеното дело, а тоа е прво повредување на девојчето, а подоцна преземањето на осмислени дејствија за да ја избегне одговорноста, затоа што тој всушност сакал да се заштити себе“, вели докторот и додава дека во случај на душевно заболување, не постои елементот на одговорност, затоа што таква личност не владее со својата волја и погрешно ја интерпретира реалноста.

Д-р Милутин Недановиќ, психијатар

Психијатарот истакнува дека научните истражувања покажуваат дека во европските земји во 5 до 10 проценти на популацијата постои нарушување на структурата на личноста и од таа група се регрутираат криминалци и оние кои извршуваат кривични дела, а, како што вели, живеат меѓу нас.

Загрижувачка „епидемија“ на европско ниво

„На мое разочарување пред две години на еден голем собир дознав дека тој процент во многу земји се качува на 11, па оди дури и до 18 проценти. Сепак не треба да се содава дополнителна паника во јавноста. За жал, повредите насочени кон материјалните добра, човековото тело живот се можни и очекувани, а тешко е превентивно да се спречат“, нагласува Недановиќ.

Тој вели дека ги истражувал концептите на современата цивилизација и европската цивилизациска структура и култура и вели дека современата психијатрија укажува на тоа дека генерациите млади се сè помалку воспитани и структуирани како личности, со сè помалку почит и алтруизам и пожртвуваност, со сè помалку почит кон другите, но и со сè помалку искрени и емотивни сочувства кон другиот во заедницата.

Оттуѓеноста и нарцисоидноста – регрутираат криминалци

„Таа оттуѓеност во поголемиот број генерации млади е причина за вршење на дела кои не се социјално прифатливи или не се очекувани и кога на сето тоа ќе се додаде користењето на психоактивни супстанци, тогаш е можно проблемите да бидат многу посериозни“, вели тој.

Психијатарот смета дека во општеството пресудни се улогите кои во социјалната димензија и аспекти ја имаат педагозите и родителите околу правилното воспитување на младите популации.

Родителите и педагозите со најодговорна општествена улога за воспитувањето

„Треба да се негува алтруизмот и почитта кон другите, а не да се инсистира на оттуѓување и потенцирање на примарен нарцизам, кон кој човекот инаку е склон, но во социо-заедницата заради опстанок нужно треба да се негува љубов и внимание и за другите луѓе“, резимира Недановиќ, кој признава дека и самиот е во своевиден шок од немилиот настан и додава дека на општо, глобално ниво, а земајќи ги во предвид научните психијатриски показатели, потребно е да се редефинира пристапот кон воспитувањето и градењето на структурата на личноста која секогаш ќе биде потенцијална опасност за неприфатливи девијации и криминогени активности.

Златко Николиќ, криминолог

Криминологот Златко Николиќ, надоврзувајќи се на психолошките аспекти на злочините со вакво битие и карактеристики, вели дека доколку општеството благовремено не ги препознае овие, како што ги нарекува, патолошки ликови, тие, доколку не би биле уапсени навремено, би продолжиле со убиствата.

Еден од потешките облици на садизам

„Доколку ваков тип на убиец не беше уапсен, тој ќе беше нов Џек Мевосек или сериски убиец“, вели криминологот, затоа што според него, посочениот виновник за убиството со оглед на начинот на извршувањето на злочинот, претставува еден од потешките облици на садисти кои се изживуваат врз жртвата заради интимното чувство на немоќ пред послабите од себе и дека нивното страдање од неговото присуство сака да ја доживее како сопствена надмоќ.

Идентификување со моќта, религијата, нацијата

Николиќ објавува дека такви личности долго ја потиснуваат својата патолошка потреба за садистичко изживување врз другите и тоа еден ден испливува на површина.

„Тие сакаат да се идентификуваат со Бог, со нацијата, со религијата, со некои познати јунаци“, вели криминологот, кој нагласува дека овој тип на личности постојано ја опсервираат потенцијалната жртва, се однесуваат како што вели, како „ловец со срна“, и често се изживуваат со нивната повреда за да го гледаат нивното мачење се до конечниот злостор. Денес, вели тој, од аспект на таа опсервација, социјалните мрежи и тоа како им одат во прилог на нивните монструозни планови.

М.В. veljanoskim@akademik.mk

08.08. 2014