/ Прочитано:

881

Пакет-закони поради усогласување со Законот за прекршоците

Среда, 29 јули 2015 – По донесувањето на Законот за прекршоци од страна на Собранието, институциите започнаа со процес на усогласување на своите материјални закони со овој системски закон, информираат од Владата на РМ.

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, вели дека на владина седница биле усвоени над 20-тина закони од различни области, како: земјоделие, труд и социјална политика, економија, финансии, царина.

„Тие опфаќаат над 80-90 проценти од најчестите прекршоци кои се случуваат. Тие веднаш ќе бидат испратени во Собранието на тамошно изгласување со цел што побрзо да се создаде правен амбиент за да може да се ползуваат ефектите од намалените санкции за стопанските субјекти“, истакна Ѓорѓиев.

Стопанските комори позитивно ги оценуваат измените

„Намалувањето на казните за домашните компании заедно со многу други мерки кои се донесени во голем дел по иницијатива на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) овозможуваат македонското стопанство да остварува добри резултати“, велат од ССК.

Иницијативите на ССК за подобрување на деловното работење како дел од пакет-мерките во 2013 година се усвојуваат континуирано со наоѓање начини за нивно интегрирање. ­Со пакетот на законски измени, особено со измените на Законот за прекршоци што помина во Собранието, драконските казни со кои се соочуваа компаниите во изминатите години се намалија и тоа значително“,  посочува Данела Арсовска, претседател на ССК.

„Кај малите фирми казните ќе бидат пониски шест до седум пати во однос на досегашните, а кај средните – два до четири пати пониски од досегашните, што значи дека казната, доколку мора да се изрече, нема да влијае значајно врз работењето на фирмите“, смета министерот за финансии, Зоран Ставрески.

„Со измените на Законот за прекршоци се воведува и поголема примена на институтот опомена, значи за помалите прекршоци нема воопшто да има казни, туку фирмите ќе бидат опоменати со цел да го коригираат своето работење и да продолжат понатаму“, образложува министерот.