/ Прочитано:

762

Пакетот нацрт – амандмани на Уставот пристигна во Собранието, заедно со нив – и вонбрачната заедница

Среда, 30 јули 2014 – Министерството за правда ги достави нацрт-амандманите во Собранието. Според нацрт-амандманите и вонбрачната заедница ќе се дефинира во Уставот како и бракот, односно како заедница на маж и жена.

Поднесени се седум нацрт-амандмани

Имено, во Собранието поднесени се седум нацрт-амандмани, од кои едниот е за бракот и вонбрачната заедница, потоа за преименувањето на Народната банка на РМ во Банка на РМ, за тоа дека Државниот завод за ревизија е уставна категорија и независна институција, за поголеми надлежности на Уставниот суд, поголем број членови на Судскиот совет од редот на судиите, за формирање на финансиската зона, како и за дел од финансиската политика.

Покрај бракот, и вонбрачната заедница влегува во највисокиот државно-правен акт

Во нацрт-амандманите ќе се има и уставно дефинирање и на вонбрачната заедница и тоа исто како заедница помеѓу еден маж и една жена, бидејќи согласно со Законот за семејството, по истекот на одреден период од заедничкото вонбрачно живеење, двајцата партнери стекнуваат права и обврски што произлегуваат и со бракот.

„Заедница на живот на маж и жена, која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница“, се вели во членот 13 од Законот за семејството.

Правата и обврските  нема да можат да важат за истополовите вонбрачни заедници

Со нормирањето и дефинирањето на вонбрачната заедница во Уставот исклучиво како заедница на маж и жена, правата и обврските кои произлегуваат од ваквиот тип на заедници нема да можат да важат за истополовите вонбрачни заедници.

Седумте нацрт амандмани на Уставот, Комисијата за уставни прашања ќе ги разгледува веднаш по колективниот одмор на пратениците, односно на 25 август, а два дена подоцна ќе бидат ставени на седница.