/ Прочитано:

1.290

ПАРНАЏИЕВА-ЗМЕЈКОВА СИ ДАДЕ ОСТАВКА: Oд човечки причини се повлекувам од функцијата директор на ФЗОМ

Вторник, 24 февруари 2015 –  Директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнаџиева-Змејкова денеска на прес-конференција соопшти дека си поднела оставка од функцијата. Одлуката, како што рече, ја донела од човечки причини.

„Чекав да се добијат резултатите од судска медицина за да се констатира причината за смртта и да се види вистината за случајот со Тамара, кој, поради сè што се случи и поради пеколот низ кој поминувавме, но и поради напорите кои претходно ги правевме, а дел од јавноста не ги вреднуваше, ќе го носам со себе целиот мој живот и покрај тоа што сум свесна дека сè што можевме, сè сторивме, буквално сè“, рече Парнаџиева-Змејкова.

Таа истакна дека го разбира гневот на луѓето, посочувајќи дека и таа била гневна и згрозена.

„Јас сум емотивна личност, а не ладен бирократ и од човечки причини се повлекувам од функцијата – директор на Фондот за здравство. Револтот и гневот на пошироката јавност мене ми е сосема разбирлив. Лично се соживувам со него како човек и како мајка. Обдукцијата, која веќе е објавена во медиумите, ја потврди причината за смртта, станува збор за причина која не е поврзана со операцијата која Тамара требаше да ја има, а за која се обезбедија на крај средства.

Дополнително интерна комисија во Фондот провери и констатира дека сите процедури во лекарските комисии и стручните служби во Фондот се испочитувани“, рече Парнаџиева-Змејкова.

Обдукцијата, додаде таа, покажала дека причината за смртта не е поврзана со операцијата која требаше да ја има Тамара, а за која на крај се обезбедија средства.

Институтот за судска медицина, по извршената обдукција на телото на починатото девојче, денеска објави дека причината за смртта е бронхопневмонија и дека ќе се испита дали воопшто била лекувана од оваа дијагноза.

„Во извештајот од обдукцијата утврдено е дека причината за смртта не е сколиоза, туку бронхопневмонија, односно акутно воспаление на респираторните органи, а утврдено е и присуство на емфизем во белите дробови“ – се вели во соопштениет од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Стотици луѓе денеска се собраа пред Фондот за здравство, а потоа се упатија кон Министерството за здравство барајќи оставка од првите луѓе во здравството – министерот Никола Тодоров, директорите на Фондот, Маја Парнаџиева-Змејкова и од Џемаил Мехази, членовите на Управниот одбор на ФЗОМ, како одговорни лица во Фондот за здравствено осигурување и членовите на Првостепената и Второстепената лекарска комисија.