/ Прочитано:

3.089

ПИОМ: Детали како ќе се плаќаат придонесите за хонорарци

Среда, 19 ноември 2015 – Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) ги објави деталите согласно кои  од 1 јануари 2015 година ќе се врши приемот во задолжително социјално осигурување и плаќање на социјалните придонеси на лица кои склучиле Договор на дело и/или Авторски договор или друг Договор за извршување физичка и/или интелектуална работа

ИЗВЕСТУВАЊЕТО ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ИНТЕГРАЛНО: 

Во врска со приемот во задолжително социјално осигурување и плаќање на социјалните придонеси на лица кои склучиле Договор на дело и/или Авторски договор или друг Договор за извршување физичка и/или интелектуална работа, со кој е определен надоместок за извршената работа кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата

Од 01.01.2015 година, согласно измените на одредбите од Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, на приходот остварен од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело, авторски договор и друг договор кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, се пресметуваат и плаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување и придонес за задолжително здравствено осигурување.

1. Видови договори за кои се применуваат законските одредби од ЗПЗСО:

Договор за дело, авторски договор, друг договор од извршување физичка и/или интелектуална работа со кои физичкото лице остварува приход кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон.

2. Договори кои не се опфатени согласно законските одредби од ЗПЗСО:

  • Примања на професионални спортисти (премии, трансфери),
  • Примања на функционери, пратеници, советници и други носители на јавни функции (избрани и именувани лица),
  • Надоместок по основ на стипендии,
  • Договори за  јавна работа кој ги склучуваат единиците на локалната самоуправа,
  • Договор за закуп,
  • Волонтерство согласно со закон,
  • Надоместок за судии, поротници, вешти лица, и стечајни управници,
  • Надоместок за врвни спортисти,
  • Договор за дело, авторски договор и друг договор од извршување физичка и/или интелектуална работа со кои физичко лице – корисник на пензија според прописите од пензиското и инвалидско осигурување не подлежат на плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување.

3. Задолжителни елементи на Договорот

  • Предмет на Договорот
  • Договорни страни
  • Датум на склучување на Договорот
  • Време траење на Договорот
  • Бруто износ на надоместокот
  • Превод на македонски јазик, ако е на странски јазик со овластен преведувач.

ПРИЕМ ВО ОСИГУРУВАЊЕ

ПРАВНО ЛИЦЕ – Исплатувач на приходот за извршена физичка и/или интелектуална работа по основ на Договор за дело, Авторски договор и/или друг договор кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, има обврска договорот/ите да го/ги достави до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

ФИЗИЧКО ЛИЦЕ –  примател на приходот за извршена физичка и/или интелектуална работа по основ на Договор за дело, Авторски договор и/или друг договор склучен со физичкото лице, има обврска  договорот да го достави до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

ФИЗИЧКО ЛИЦЕ –  примател на приходот за извршена физичка и/или интелектуална работа по основ на склучени повеќе договори за дело, Авторски договор и/или други договори кои поединечно се во износ понизок од минималната плата, а збирно го надминуваат износот на минималната плата утврдена со закон, има обврска договорите да ги достави до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

1. Прием во осигурување на лице кое нема задолжително социјално осигурување (не е во работен однос или самовработување)

  1. Лице кое нема осигурување, а има договор кај едно правно лице – исплатител

Потребни документи во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (Фонд на ПИОМ) – Филијала/Деловница според местото на живеење:

  • Барање за прием на осигурување – го поднесува правното или физичкото лице
  • Договор (оригинал на увид и копија)
  • Копија на трансакциска сметка
  • Пријава М1/2 пополнета со податоци за осигуреникот и датум  за почеток и престанок на осигурувањето според податоците од договорот

Фондот на ПИОМ:

  • донесува Решение за прием во осигурување со основица за плаќање на социјалните придонеси (се доставува кај двете договорни страни).

Правното лице – исплатител:

  • Правното лице изготвува и доставува МПИН и ги плаќа придонесите.

2. Лице кое нема осигурување, а има договор кај повеќе правни лица или физичко/и лице

Потребни документи во Фонд на ПИОМ – Филијала/Деловница според местото на живеење:

  • Барање за прием на осигурување  – поднесува  физичкото лице
  • Договор-и (оргинал на увид и копија)
  • Копија на трансакциска сметка

Фондот на ПИОМ:

  • Донесува Решение за прием во осигурување со основица за плаќање на социјалните придонеси
  • изготвува М1/М11 за периодот наведен во Договорот
  • ФПИОМ изготвува и доставува МПИН за придонес за ПИО

ФЗОМ изготвува и доставува МПИН за придонес за здравствено осигурување.

*Осигуреникот е обврзан да ги подигне пресметките МПИН со налозите за плаќање од ФПИОМ и ФЗОМ и да изврши плаќање на придонесите.

         3.  Лице кое е во осигурување по основ на работен однос и има Договор за дело и/или Авторски договор или друг вид Договор кај истиот, или друг работодавач (исплатител) во износ повисок од минималната плата поединечно за секој договор:

Потребни документи во Фондот на ПИОМ – Филијала/Деловница според местото на живеење:

  • Барање за прием на осигурување – поднесува исплатителот/ работодавачот
  • Договор (оргинал на увид и копија)
  • Пријава М1/2 пополнета со податоци за осигуреникот и датум за почеток и престанок на осигурувањето според податоците од договорот (ако работодавачот се јавува и како исплатител на договорот)
  • Копија од трансакциска сметка

Фондот на ПИОМ:

  • Донесува Решение за прием во осигурување со основица за плаќање на социјалните придонеси
  • Изготвува М1/М11 за период наведен во договорот (ако исплатувачот на договорот не е и работодавец)

Обврзник за пресметка и уплата на придонесите е правното лице – исплатител (ако исплатувачот на договорот не е и работодавец).

ФЗОМ изготвува и доставува МПИН за придонес за здравствено осигурување (ако исплатувачот на договорот не е и работодавец).

*Осигуреникот е обврзан да ги подигне пресметките МПИН со налозите за плаќање од ФПИОМ и ФЗОМ и да изврши плаќање на придонесите.

            4. Лице кое е во осигурување од работен однос и има договори за дело/ авторски договори, или друг вид договори кај повеќе исплатители (правни и физички) чиј поединечен износ е под минималната плата, а збирниот износ ја надминува минималната плата:

Потребни документи во Фондот на ПИОМ – Филијала/Деловница според местото на живеење:

  • Барање за прием на осигурување – поднесува физичкото лице
  • Договор (оргинал на увид и копија)
  • Копија од трансакциска сметка

Фондот на ПИОМ:

  • Донесува Решение за прием во осигурување со основица за плаќање на социјалните придонеси
  • Изготвува М1/М11 за период наведен во договрот

Обврзник за пресметка на придонес за пензиско и инвалидско осигурување е Фондот ПИОМ.

Обврзник за пресметка на придонес за здравствено  осигурување е ФЗОМ.

*Обврзник за плаќање на придонесите е физичкото лице – осигуреник.

        5. Лице резидент на Република Македонија кое има Договор за дело/Авторски договор или друг вид на Договор  со странски исплатител (правно и физичко лице)

  • Барање за прием на осигурување (физичко лице)
  • Договор (оригинал на увид и копија)- задолжителни елементи
  • ПИОМ изготвува М1/М11 за период наведен во договорот
  • Електронско доставување за прием на осигурување до ФЗО, УЈП, АВРМ (формат на фајл за размена)
  • Копија на трансакциска сметка

Обврзник за пресметка на придонес за пензиско и инвалидско осигурување е Фондот на ПИОМ.

Обврзник за пресметка на придонес за здравствено осигурување е ФЗОМ.

*Обврзник за плаќање на придонесите е физичкото лице – осигуреник.

6. Странско физичко лице нерезидент кое има договор со домашен исплатител (правно –  физичко лице)

– За странско физичко лице кое има работна дозвола и регулиран престој со лична карта за странец, а воедно е државјанин на држава со која Република Македонија нема склучено Договор за социјално осигурување, во тој случај се обврзници за плаќање на придонесите.

– Државјаните на држава со која Република Македонија има склучено Договор за социјално осигурување, нема да подлежат на обврската за плаќање на придонесите, бидејќи согласно одредбите од Договорот, за нив се применуваат правните прописи на странската држава, доколку е одобрен исклучок од правилото за плаќање на придонес.

– Доколку договорот е склучен со физичко лице, или има склучено повеќе договори со правни лица чиј поединечен износ е под минималната плата, а збирниот износ ја надминува минималната плата, во тој случај обврзник за пресметка на придонесот за ПИО е ФПИОМ, а обврзник за пресметка на придонесот за здравство е ФЗОМ. Обврзник за уплата на придонесите е лицето само за себе.

– Доколку договорот е склучен со правно лице, а износот на договорот го надминува износот на минималната плата, во тој случај обврзник за пресметка и уплата е правното лице – исплатувач.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ:

  • Барање за прием на осигурување (физичко лице)
  • Договор (оргинал на увид плус копија)- задолжителни елементи
  • ПИОМ изготвува М1/М11 за период наведен во договорот
  • Копија на трансакциска сметка

 ОСНОВИЦИ НА ОСИГУРУВАЊЕ

  • Основица на осигурување на месечно ниво е бруто надоместокот утврден во договорот, поделен со периодот на времетраење на договорот. Доколку нема определено времетраење на договорот, основица за плаќање на придонесот е бруто надоместокот утврден во договорот, за секој месец поединечно, до моментот на завршување на договорот.

Како се определува основица на осигурување кај специфични случаи:

  • Доколку договорот е склучен на 6 месеци со вкупен бруто надоместок во износ од 90.000 денари, износот од 90.000 денари се дели на 6 месеци и месечната бруто основица изнесува 15.000 денари (месечната основица за пресметка не може да е пониска од 50% од просечната плата по работник во РМ објавена во тековната година). Доколку договорот е склучен на 6 месеци со вкупен бруто надоместок во износ од 50.000 денари, износот од 50.000 денари се дели на 6 месеци и месечната бруто основица изнесува 8.333 денари и не се врши прием во осигурување, бидејќи е под минималната плата.
  • Доколку договорот почнува од 10-ти во месецот, а бруто надоместокот изнесува 9.000 денари, се врши прием во осигурување, бидејќи износот е повисок од минималната основица.

ПОДНЕСУВАЊЕТО НА ПРЕСМЕТКИТЕ МПИН

Пресметувањето и плаќањето на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување и придонесот за здравствено осигурување се врши со поднесување на МПИН пресметки до Управата за јавни приходи и обезбедување на Декларација за прием и налог за плаќање ПП53. За таа цел, Управата за јавни приходи дополнително ќе објави шифри за вид на обврзник и вид на обврска, кои правните лица – исплатувачи на приходот ќе ги користат при поднесувањето на пресметките.

За физичките лица кои се обврзници за уплата на придонесите сами за себе, МПИН пресметките ќе ги поднесуваат ФПИОМ и ФЗОМ за придонесот за пензиско и инвалидско осигурување и придонесот за здравствено осигурување соодветно, при што физичките лица по преземање на МПИН пресметките од фондовите, ќе треба да извршат уплата на придонесите.

Персоналниот данок на доход ќе се плаќа на ист начин како и досега.