/ Прочитано:

1.028

ПИOНЕРИ ВО СВОЈАТА ПРОФЕСИЈА: Првите нотари во Србија почнуваат со работа од понеделник

Петок, 29 август 2014 – Министерот за правда на Србија Никола Селаковиќ на 1 август го потпиша решението за именување на првите нотари во Србија, а од понеделник, 1 септември, тие ќе стапат на должност.

Србија е последна земја во регионот која го воведува нотаријатот. Именувани се 94 нотари за територијата на 36 основни судови. На првиот конкурс се пријавиле 180 кандидати, од кои 103 за Белград, додека за пет општини немало ниту еден пријавен кадидат. 

„Ова не е конечниот број на нотари кои ќе работат во Србија, предвидени се 364 места бидејќи секоја општина е обврзана да има најмалку еден нотар“, изјави Селаковиќ при именувањето и потсети дека согласно Законот за нотаријат на 25.000 жители треба да има по еден нотар.

Основачкото Собрание на Нотарската комора на Србија се одржа на 15 август.

„Ве повикувам цврсто да ја вкорените вашата професија, да послужите како пример за секој иден нотар и со своето делување да влијаете врз подобрување на правниот промет во Србија“, порача во овој наврат Селаковиќ.

Шефот на проектот за правни реформи во Србија при германската фондација ГИЗ, Мајкл Фалке, обраќајќи се на основачкото собрание истакна дека тие имаат прилика да бидат пионери во својата професија.

„Ова е важен момент за Србија во изградбата на современ, ефикасен и предвидлив правен систем во кој нотарите играат многу важна улога“, рече Фалке.

Омбудсманот ќе ја испитува работата на Министерството за правда

За прв претседател на српската Нотарска комора е избран Миодраг Ѓукановиќ. Тој ги демантираше информациите кои се појавија во српските медиуми дека нотарите нема да почнат со работа во понеделник. Според првиот човек на српската Нотарска комора активностите за почеток со работа се во тек, како и припремите кои се однесуваат на опремување на канцелариите.

Според неговите зборови, нотарите се запишани во регистарот на Комората, регистрирани се во даночната служба, печатите се изработени, воспоставени се регистри кои ќе ги водат нотарите, а решението за вршење на дејноста исто така ќе биде објавено во Службен весник на Србија.

Согласно Правилникот за работно време кој е објавен во Службен весник на 22 август,  работното време на нотарите е од 9 до 17 часот, наведува Ѓукановиќ. Тој исто така посочува дека списокот со канцелариите на нотарите е објавен на веб страната на Министерството за правда, истиот ден кога тие се именувани и кога положиле заклетва.

„Тарифата е утврдена. Бидејќи Извршниот одбор на Комората се согласи со предлогот на Министерството за правда, истата утре ќе биде објавена во Службен весник, така што граѓаните ќе имаат време да запознаат со Тарифникот пред нотарите да почнат со работа“, вели тој во изјавата за „Танјуг“ дадена вчера.

Народниот правобранител на Србија, пак, денеска соопшти дека по повод стартот со работа на нотарите е покрената постапка за контрола на работата на Министерството за правда.

„Поради сериозноста на наводите и обвинувањата за неправилности при постапката за именување на нотарите на кои укажаа одредени кадидати, како и фактот што граѓаните на Србија веќе имаа прилика да ги осетат штетните последици и проблеми создадени во постапката на (ре)избор на носителите на правосудните функции од 2009 година, Народниот правобранител покрена постапка за контрола на работата на Министерството за правда“, се вели во соопштението. 

Нотарите ја вжештија дискусијата и во српскиот Парламент

Начинот на воведување на нотарската служба во Србија денеска предизвика жестока дискусија во српскиот Парламент. 

Според опозицијата, скандалозно е тоа што измени на три закони кои се неопходни за работа на нотарите се усвојуваат ден пред предвиденото да стапат на сила. Тие исто така обвинија дека нотарите се именувани исклучиво по политичка линија. 

Министерот за правда Селаковиќ ги отфрли овие обвинувањата истакнувајќи дека има уште 270 слободни места. Според него, усвојувањето на законите ќе донесе правна сигурност во Србија која, пак,  ќе привлече странски инвеститори. 

Законот за нотаријат е донесен во 2011 година, но неговата примена повеќе пати се одлагаше бидејќи имаше кусок на кандидати кои положиле нотарски испит.  

Е. П.