/ Прочитано:

1.091

ПИСТОРИУС ОСЛОБОДЕН ОД ОБВИНЕНИЕТО ЗА УБИСТВО СО УМИСЛА НА СВОЈАТА ДЕВОЈКА: Помеѓу двосмисленоста на одбраната и сперливоста на јавниот обвинител

Четврток, 11 септември 2014 – Оскар Писториус не ја убил својата девојка со умисла – вака одлучи судијката  во кривичната постапка што против јужноафриканскиот параолимписки атлетичар се водеше во изминатите шест месеци.

Судијката, Токозиле Масипа, го ослободи Писториус од обвинението дека со умисла стрелал во својата партнерка, Рива Стинкамп, ноќта кон 14 февруари 2013 година. Но, таа притоа нагласи дека намерата да се пука не значи и дека се има намера да се убие. Пресудата во процесот против Писториус ќе биде соопштена утре. За убиство без умисла јужноафриканските закони предвидуваат минимум 15 години затвор. Одбраната полага искрени надежи во пресуда за убиство од небрежност, што ќе значи петгодишна затворска казна – која може да се зголемува или намалува во зависност од специфичните околности на убиството, парична глоба или, пак, извршување доброволна работа – што ќе бидe проблематично поради хендикепираноста на обвинетиот. Доколку, пак, биде утврдено дека тој дејствувал во самоодбрана,  а притоа бидат отфрлени и другите три кривични дела против него, тој ќе си замине од судот како слободен човек.

Масипа, меѓудругото, се осврна на исказите дадени од сите 37 сведоци и изнесе подробна анализа на нивните докази. Писториус го оцени како „оскуден“ и „двосмислен“ сведок. Обвинението против Писториус, покрај убиството на партнерката, му товари на ампутираниот атлетичар уште три кривични дела во врска со огнено оружје.

Застапникот на Јавното обвинителство, Гери Нил, тврдеше дека во ноќта на злосторството, Писториус – кому нозете му се ампутирани уште на едногодишна возраст – ги навлекол ножните протези пред да се упати наоружан кон бањата; таму се наоѓала неговата девојка, којашто претходната вечер пристигнала во домот. Под навод дека меѓу двајцата имало расправија, Писториус, преку затворената врата на бањата испукал четири истрели – од кои три ја погодиле и усмртиле 29-годишната Стинкамп. Застапникот на одбраната, Бери Ру, аргументира: неговиот штитеник не знаел дека лицето во бањата била неговата партнерка. Мислејќи дека се работи за провалник, Писториус пукал во самоодбрана: не секогаш, кога се посегнува по оружје, мора да станува збор за убиство. Оттаму, обвинението за убиството со умисла било потполно неправедно.

Судбината на Писториус е целосно во рацете на судијката Токозиле Масипа. Шеесет и шест годишната судијка е израсната во скромен дом во јоханесбуршката населба Совето, каде што својата соба ја делела со уште тројца браќа и сестри. Како млада девојка, Масипа има пишувано судски извештаи и правни анализи за еден локален весник. Во 1998 година – кога беше укинат апартхејдот – таа стана втората судијка од црната раса во еден од Високите судови на Јужна Африка, што дури и во денешни услови се смета за куриозитет. Гледајќи во заднината, некои британски медиуми пишуваа дека фактот што Масипа го води случајот на Писториус има во многу погледи симболичен карактер: во земја, чии прашања за расите, со право или не, сè уште го фасцинираат целиот свет, оваа црнка со скромно потекло треба да му пресуди на богат белец.

Шест месеци по почетокот на процесот, Масипаденеска пред очите на јавноста го отфрли најсериозното обвинение против Писториус: параолимпиецот не ја убил својата девојка со умисла. Големината на јавниот интерес во Јужна Африка за судскиот процес, поради кој беа основани и два нови телевизиски канала, успеа да ги достигне размерите на кривичната постапка што се водеше во 1994 година против американската фудбалска ѕвезда О. Ј. Симпсон. Сепак, за разлика од тогаш, кога одлуката ја носеше судската порота, за пресудата овој пат самостојно одлучува судијата. Ако Масипа утврдеше дека Писториус го посакувал и го планирал убиството на својата партнерка, според јужноафриканското законодавство, на атлетичарот ќе му се заканеше доживотна затворска казна, а во тој случај, најраните изгледи за евентуално ослободување ќе беа остварливи дури по 25 години.

Лавовски дел во постапката на одлучувањето на Месипа имаше психолошката заднина на случајот.  На јавниот обвинител, Нил, му се припишуваше оти имал тактички брилијантен настап пред судот во опишувањето на карактерот на Писториус како дивјак што бега од одговорност и што нескриено милува да пука. Обвинителот оперираше со вакви сперливи формулации уште од самиот почеток на постапката. Сред тие околности, Писториус беше присилен да даде што е можно подетална претстава за кобната ноќ. Нил, пак, со невидена посветеност побрза да ги филтрира и најситните недоречености во исказите на обвинетиот уште пред да почне јавниот претрес. Дотолку повеќе, Писториус го менуваше на повеќе наврати својот исказ во судницата, а тоа му отвори простор на обвинителот да ја донаруши сликата за неговиот карактер.

Правничката интелигенција целосно остана под напон до  изрекувањето на пресудата. Мнозина изјавуваа дека би биле изненадени доколку Писториус се извлече без затворска казна. Според последните новински написи, Писториус во секој случај очекувал да биде осуден, бидејќи веќе ја понел на себе вината за убиство на провалник. Во голем број слични судски постапки е образложувано дека неоправданиот страв никогаш не може да биде извинување за нечие убиство. Иако оценет како „оскуден“ и „двосмислен“ сведок, Писториус, денеска е ослободен од обвинението за убиството со умисла на својата девојка. Зошто испукал токму четири куршуми ќе остане и натаму само претпоставка.

Д. С.