/ Прочитано:

1.072

ПЛАТФОРМА ЗА РОДОВА ЕДНАКВОСТ: Смртта на три работнички говори за пропусти и негрижа за работничките права

Вторник, 28 јули 2015 – Смртта на три работнички, само во последниот месец, е алармантна состојба и може да укажува на системски пропусти и негрижа за работничките права. Надлежните институции се должни да преземат сеопфатни мерки за да ги идентификуваат причините, да ја лоцираат одговорноста во овие случаи, меѓутоа и да предложат мерки кои се неопходни за да се превенираат вакви ситуации во иднина, истакнуваат од Платформата за родова еднаквост

„Нашата загриженост се однесува на условите во кои се работи во фабриките во Република Македонија, како и на недостигот од информации за соодветна реакција од страна на надлежните органи. Учеството на жените на пазарот на труд е на исклучително ниско ниво споредено со сите земји во регионот и во Европа, а ваквите случаи дополнително создаваат впечаток на негрижа и изложеност на опасност на работните места, што во последниот месец непропорционално се одразува врз работничките. Смртта на три работнички, само во последниот месец, е алармантна состојба и може да укажува на системски пропусти и негрижа за работничките права. Надлежните институции се должни да преземат сеопфатни мерки за да ги идентификуваат причините, да ја лоцираат одговорноста во овие случаи, меѓутоа и да предложат мерки кои се неопходни за да се превенираат вакви ситуации во иднина“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Од Платформата додаваат дека надлежните институции се одговорни за воспоставување механизми за утврдување на фактичките услови на работните места, како и за прибирање податоци што ќе бидат јавно достапни.

„Неопходно е надлежните институции итно да ги засилат инспекциските служби и надзорот во производствените капацитети, со цел да се утврдат и да се отстранат сите неправилности поврзани со безбедноста и здравјето на вработените и злоупотребите на работничките права. Наодите од ваквите инспекции треба да бидат достапни за јавноста. Платформата испрати свој допис за загриженоста со конкретни препораки до надлежните институции“, се вели во нивното соопштение.

„При последниот инспекциски надзор во фабриката „Јагја Мезлер“, во која почина една работничка, било констатирано неисполнување на условите за здравје и безбедност при работа, што укажува на потребата за проактивно дејствување на инспекциските служби заради превентивна заштита на работничките и работниците“, наведуваат од Платформата за родова еднаквост и потенцираат дека работниците кои се соочуваат со прекршувања на нивните прави може да го пријават тоа на веб-платформата на Реактор – Истражување во акција http://prijavidiskriminacija.mk. која овозможува анонимно пријавување на дискриминација и повреда на работничките права, кои ги вклучуваат и условите за работа.