/ Прочитано:

1.171

Платформата за родова еднаквост ја промовираше Декларацијата за измена на Законот за прекинување на бременоста

Строгите казни предвидени со Законот за прекинување на бременоста и обезбедување заштита на здравјето и на репродуктивните права на жената донесен во текот на 2013 година, кои можат да се изречат на медицинските лица кои вршат абортуси во итни случаи, не се во согласност со членот 13 од овој закон. Како поради буквалното толкување на законските ограничувања за абортусот така и поради стравот од високите казни за лекарите, неколку жени со јасни медицински индикации за прекинување на бременоста беа оставени да чекаат за абортус за да се запази административната процедура. Платформата за родова еднаквост смета дека ова се многу сериозни причини поради кои денеска, непосредно пред одржување на парламентарните избори, побара од сите политички партии да ја потпишат Декларацијата за измена на Законот за прекинување на бременоста.

Жена абортус

Поради примената на ограничувањата што беа предвидени со Законот за прекинување на бременоста и обезбедување заштита на здравјето и на репродуктивните права на жената, донесен во текот на 2013 година, беа регистрирани голем број случаи во кои здравјето и животите на жените во Македонија беа изложени на ризик. Од тие причини Платформата за родова еднаквост денеска ги повика сите политички партии да се обврзат да го сменат Законот.

Според Платформата за родова еднаквост, составена од 22 граѓански организации, и покрај досегашните бројни реакции на граѓанските организации, на стручните лица, препораките на асоцијациите за човековите права, како и забелешката од последниот извештај на Европската комисија во кој се забележува дека постојниот Закон сè уште има решенија кои ограничуваат и кои можат да ги доведат жените да се изложат на нелегални абортуси, досега клучните институции не презедоа конкретни мерки да направат измени.

Снешка Илиќ, аналитичар во „Реактор – истражување во акција“, рече дека заклучокот на Комитетот за економски, социјални и културни права (КЕСКП) е дека строгите казни предвидени со Законот од 2013, кои можат да се изречат на медицинските лица кои вршат абортуси во итни случаи, не се во согласност со членот 13 од Законот за прекинување на бременоста и обезбедување заштита на здравјето и на репродуктивните права на жената. Односно, како што истакна Илиќ, доколку се утврди дека абортусот не е во согласност со споменатиот член од Законот, на медицинско лице може да му се изрече парична казна, за што Комитетот предупредува дека ваквата мерка може да доведе до небезбедни прекинувања на бременоста кои се практикуваат во итни случаи.

„Во однос на задолжителното советување пред абортусот, КЕСКП смета дека оваа одредба е прифатлива само доколку советувањето е објективно и доколку ја поддржува жената да направи слободен избор за тоа дали ќе ја прекине бременоста. Во оваа насока, Комитетот препорачува државните институции сериозно да ги разгледаат рестриктивните одредби во Законот, со што ќе се унапреди сексуалното и репродуктивното здравје на жените. Во однос на ова многу чувствително прашање голема загриженост изрази и Комитетот против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, особено поради ограничувањата во Законот кои се однесуваат на административните бариери и периодот на чекање. Овие ограничувања во голема мера придонесуваат за загрозување на животот на жените кои сакаат да ја прекинат бременоста“, истакна Илиќ.

Ива Михајловска, претседател на НВО „Хера“, истакна дека се потврдија нивните предупредувања од пред три години, односно при донесувањето на Законот, дека ограничувачката законска регулатива во однос на ова прашање ќе доведе до низа несакани последици по здравјето на жените што сакале да ја прекинат бременоста.

„Како поради буквалното толкување на законските ограничувања за абортусот така и поради стравот од високите казни за лекарите, неколку жени со јасни медицински индикации за прекинување на бременоста беа оставени да чекаат за абортус за да се запази административната процедура. Кај други времето за прекинување на бременоста беше одложувано, беа изложувани на убедувања и потценувања, а незаконски беа препраќани од комисии на комисии за на крајот да не можат да ја остварат одлуката, односно да ја прекинат бременоста. Ова се само оние случаи што беа обелоденети од жени кои беа охрабрени да го пријават целото патешествие низ кое минале. Претпоставуваме дека постојат уште многу вакви приказни за кои жените не сакале да се дознае за нивниот случај поради разни причини“, истакна Михајловска.

Платформата за родова еднаквост смета дека ова се многу сериозни причини поради кои денеска, непосредно пред одржување на парламентарните избори, побара од сите политички партии да ја потпишат Декларацијата во која се обврзуваат:

       да направат измени во Законот за прекинување на бременоста, и тоа во одредбите кои го ограничуваат пристапот до абортус на жените во здравствените институции и го загрозуваат правото на здравствена заштита и на репродуктивните права и

       се обврзуваат на транспарентност и вклученост на сите заинтересирани страни, вклучително и на граѓанските организации, во процесите на донесување нова законска регулатива, при што ќе ги следат препораките на Светската здравствена организација и обврските што произлегуваат од националните и меѓународните документи за човековите права.

Декларацијата ја потпишаа десет политички партии: ВМРО Народна партија, Демократска обнова на Македонија, Достоинство, Левица, Либерална партија, Либерално-демократска партија, Нова социјалдемократска партија, Обединети за Македонија, Партија за целосна еманципација на Ромите и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

А. Б.