/ Прочитано:

1.817

По пет години, судска разврска на случајот со малиот Агуш: Три месеци условна казна за лекарска грешка и отштета од 2.7 милиони денари

Вторник, 8 април 2014 – По цели 5 години судска разврска конечно доби случајот на малолетниот Агуш Салиоски (14), кој поради лекарска грешка ја загуби едната рака. Со пресуда на Основниот суд во Прилеп, д-р Златомир Аризанкоски, началник на ортопедското одделение во прилепската болница, е прогласен за виновен за сторено кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“ во врска со кривичното дело „несовесно лекување болни“. 

Овој случај по повод Светскиот ден на здравјето – 7 април, вчера, невладината организација Рома С.О.С. го обзнани и упати апел до сите здравствени работници и здравствени институции во насока на посветување поголемо внимание на здравјето и на припадниците на маргинализираните групи. Целиот случај го почна токму оваа организација која го ангажираше адвокатот Владо Димовски од адвокатската канцеларија „Петличковски“. 

Според НВО „РОМА СОС“, д-р Аризанкоски направил пропусти во лечењето на малолетникот кога бил примен на критичниот ден на 10 септември 2008 година. Откако состојба на момчето се влошила по 4 дена тоа било испратено на лекување во клиниката во Скопје, каде што за да му се спаси животот, итно му била ампутирана едната рака.

„Виновен е прогласен еден лекар специјалист, иако обвинението беше поведено против шест лекари специјалисти. Тоа е лекарот што го прими, а останатите се ослободени“, рече Благој Димовски, адвокатот кој го водеше случајот на малолетното момче.

На 21 јануари годинава, во граѓанска постапка, пак, Апелациониот суд во Битола донел  пресуда со која ја преиначил првостепената пресуда во делот на досудениот износ за надомест на нематеријална штета и пресудил износ во висина од 2.700.000,00 денари, а предметот го вратил на повторно одлучување на првостепениот суд во однос на одбиеното барање за исплата на доживотна парична рента. Отшетата на семејството на Агуш, прилепската болница треба да им ја исплати до крајот на годинава

Родителите на Агуш и по 6 години не можат да се помират со судбината. Загубата со која се соочува нивното дете им создава постојани болки и трауми, бидејќи Агуш не може сам да се грижи за себе, а се срами и од врсниците кога оди во школо, особено кога треба да пишува и да извршува спортски активности. 

„Да го родиш здраво, исправно, а да го гледаш цел живот без рака. Зошто не водеа грижа таму?“, вели Мазес Салиоска, мајка на Агуш. 

ТЕК НА СУДЕЊЕ –  Кривична постапка

Основен суд Прилеп

18.11.2011 – Покренат  е обвинителен акт од страна на ОЈО Прилеп против 6 лекари ортопеди од Ј.З.У Општа Болница “Борка Талески” Прилеп за кривично дело “Тешки дела против здравјето на луѓето” и “Несовесно лекување болни”.

29.03.2013 – По одржување на 16 претреси донесена пресуда со која само двајца лекари ортопеди се прогласени за виновни и тоа лекарите кои биле на смена критичните денови на 12.09 и 14.09.2008 година. Казната е парична, 50 глоби доколку во рок од 1 година не направат ново кривично дело.

 *Апелационен суд Битола

29.04.2013 – Поднесена е Жалба против Пресудата на Основен суд Прилеп од страна на Основниот јавен обвинител, поради нецелесно утврдување од судот кој друг лекар бил должен да обезбеди соодветна здравствена услуга на пациентот.

15.07.2013 – Жалбата е усвоена од страна на Апелациониот суд во Битола и предметот вратен на повторно судење во Основен суд Прилеп со точни дадени насоки за утврдување на спорните факти.

*Повторно судење пред Основен суд Прилеп

30.10.2013 – Обвинителот се откажа од понатамошно гонење на 5-те лекари и го продолжи кривичното гонење само за еден од лекарите односно дежурниот лекар кој го примил Агуш на лекување. Адвокатот како приватен тужител го продолжи кривичното гонење за сите 6 лекари.

06.11.2013 – Донесена пресуда со која се прогласува за виновен лекарот против кој ОЈО го продолжи гонењето и осуден на 3 месеци условна затворска казна, доколку во рок од една година не направи ново кривично дело, а останатите 5 лекари ги ослободи од обвинение.

Од „РОМА СОС“ потенцираат дека ова не е единствен случај на несоодветен третман на пациенти од ромска националност.

„Има два случаја во Битола. Едниот е смрт на родилка под сомнителни околности за време на породување, а другиот смрт на новороденче два дена по неговото раѓање, исто така под сомнителни околности. Четвртиот случај, пак, е во Делчево каде што 63-годишна Ромка при пад на скали се здобила со скршеница, која е несоодветно третирана од ортопедите во болницата во Кочани“, вели Тања Тренкоска, правен советник на невладината „РОМА СОС“.

Оваа невладина организација апелира до сите здравствени институции да посветуваат поголемо внимание на пациентите од ромска националност. За да се превенираат во иднина вакви случаи неопходно е здравствените работници правилно да ги третираат граѓаните, припадници на маргинализираните групи.