/ Прочитано:

821

ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА: Владата со законски измени ќе привлекува инвеститори во филмската индустрија

Понеделник, 20 јули 2015 – Владата предлага нови измени на Законот за персоналниот данок на доход со цел привлекување на инвеститори во филмската дејност. Законските измени се наоѓаат во собраниска процедура и треба да бидат донесени по скратена постапка.

Со Законот за персоналниот данок на доход е воведен персоналниот данок на доход и е уредeн начинот на оданочување на доходот на граѓаните. Персонален данок на доход се плаќа на приходите на физичките лица остварени во земјата и странс­тво, во пари, хартии од вредност, во натура,  или  во некој друг  вид, освен приходите кои се изземени од оданочување со овој закон.

Привлекување на инвеститори во филмската индустрија

„Во членот 6 од Законот за персоналниот данок на доход се уредува ослободувањето од обврската за плаќање на персоналниот данок на доход по различни основи. Во таа насока, со Предлог измените на Законот за персоналниот данок на доход, се врши дополнување на оваа законска одредба со цел поттикнување и воспоставување на подобри услови за привлекување на инвеститори во филмската дејност и со тоа развивање на филмската индустрија“, се вели во законското образложение.

Ослободување од обврската за направените трошоци за хотелско сместување

Така, образложуваат од Владата, во законот се воведува одредба со која филмските продуценти се ослободуваат од обврската за плаќање на персоналниот данок на доход за направените трошоци за хотелско сместување, храна и превоз за лицата кои учествуваат во производство на филм, а истите не се вработени кај филмски продуцент.

„Истото произлегува поради фактот дека продуцентските куќи во досегашното работење имаа обврска да пресметуваат и плаќаат персонален данок на доход за лицата кои не се во редовен работен однос за исплатите по основ на хотелско сметување,  превоз и храна“, се вели во законското образложение.

Продолжување на рокот за доставување на збирниот податок

Со Предлогот на Законот, велат од Владата, се вршат и измени на законот во насока на продолжување на рокот за доставување на збирниот податок за сите направени исплати во текот на претходната година, за кои исплатувачот на аконтација на персоналниот данок на доход е должен да ги достави до даночниот обврзник.

„На овој начин на правните субјекти – исплатувачи на приход им се овозможува  подолг временски период за исполнување на наведената законска обврска односно наместо пресметката да ја доставуваат најдоцна до 15 јануари наредната година, како што гласи постојното законско решение, истата да можат да ја доставуваат најдоцна до 25 јануари наредната година.Поради горенаведените причини се предлагаат измени и дополнувања во одредбите на Законот за персоналниот данок на доход“, додаваат од Владата како предлагач на законот.

M.В