/ Прочитано:

1.088

ПРЕСУДА: По три години затвор за шестмина обвинети за насилните протести за „Монструм“

Среда, 30 јули 2014 – По три години затвор им изрече Основниот Скопје 1 на шестмина обвинети за насилните протести за случајот „Mонструм“. Еден од вкупно осум обвинети доби ослободителна пресуда, додека за еден на почетокот на денешната главна расправа беше повлечено обвинението поради немање докази за неговото учество во толпата која повреди дваесетина полицајци и оштети имот на двата основни скопски суда.

Судот одлучи шестмината обвинети кои беа прогласени за виновни да останат во притвор и солидарно да го надоместат вупното отштетно побарување во висина од 25 илјади евра кое го пријавија судовите. Судот исто така ги упати оштетените лица, побарувањата за надомест на нематеријална штета да ги побараат во посебна граѓанска постапка. 

Во рамки на денешното рочиште, пред објавата на пресудата, беа изнесени и завршните зборови на странките во постапката.

Застапникот на обвинението во својот завршен збор го повлече обвинението против осмообвинетиот Фадил Зекиров поради немање докази за неговото учество во толпата, додека за останатите обвинети истакна дека тие ја воделе толпата и дека фрлале со камења, бекатонски плочки и други предмети при што им нанеле телесни повреди, на некои и тешки, на дваесет полициски службеници и  го оштетиле имотот на Основниот суд Скопје 1 и Основниот суд Скопје 2.

Ова, според обвинителството, се докажало во текот на постапката од изведените материјални и вербални докази.

Бранителите, пак, го тврдеа спротивното: дека воопшто не се докажало од доказите дека тие се виновниците, дека обвинетите не биле дел од толпата која дивеела, дека тие биле уапсени на локации далеку од судовите, дека полицијата при апсењето користела прекумерна сила, при што дел од нив завршиле во болница…

Обвинетите се изјаснија за невини и останаа на завршните зборови на бранителите.

Судењето почна пред десетина дена и се водеше според новиот ЗКП. Во рамки на истото беа одржани неколку рочишта на кои беа сослушани сведоци на обвинителството и одбраната, а беа изведени и снимки од насилниот протест којшто  се  случи на 4 јули во Скопје.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)