/ Прочитано:

1.902

Побрзо донесување на Законот за докторска дејност и измени на Законот за здравствена заштита бараат лекарите

Интензивирање на Законот за докторска дејност кој треба да се донесе што поскоро, промени и во Законот за здравствена заштита и во Законот за образование и измени на електронскиот систем „Мој термин“, бара новото раководство на Лекарската комора.

„Како Лекарска комора ќе инсистираме на редовна интензивна соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, затоа што она што досега ѝ пречело на лекарската фела е дека треба да се направат промени и во Законот за здравствена заштита и во Законот за високо образование. Ние тука мора да земеме активно учество, односно докторската фела мора да земе активно учество, затоа што ние сме тие што ја даваме таа услуга, а пациентите се тие што се на крај задоволни и незадоволни, а и ние сме нечии пациенти“, вели  новоизбраниот претседател на Лекарската комора на Македонија, Калина Гривчева-Старделова.

Заменик претседателот на Лекарската комора, Илбер Бесими, вели дека во најбрз можен рок треба да се усвои Законот за докторска дејност со измените во Законот за високото образование и во делот на специјализации.

„Тука се предвидени сите други подзаконски акти и начини на плаќање на доктори, со што би направиле добра основа младите доктори да започнат со работа и да си ја вршат здравствената дејност во државата“, нагласи Бесими, додавајќи дека и електронскиот систем „Мој термин“ треба да претрпи измени и дека плаќањето по учинок треба да се укине целосно.

Во врска со зголемувањето на просечната плата, Бесими вели дека предлагаат солидно решение кое се надева дека многу бргу ќе биде прифатено од здравствените власти.

„Во принцип, со предложените решенија се планира платата на докторот како основа да ја земе просечната плата и да ги избегнеме сегашните ситуации кога платата на еден млад доктор е помала од платата на една медицинска сестра. Наш предлог е најмалата основна плата на доктор почетник да биде во висина од две просечни плати“, истакна Бесими.

Младите македонски лекари уште пред две години ја повикуваа Владата на Република Македонија, заедно со нив, да изнајде начин и модел сите отворени прашања и проблеми кои ги засегнуваат младите лекари да се решат преку донесување на Закон за докторска дејност.

„Со донесување на Закон за докторска дејност, Македонија ќе биде земја за пример, земја што ќе го реши проблемот со медицинската миграција, а не земја што ќе го чека денот на колапс на здравството поради дефицит на лекари и што ќе треба да вложи многукратно повеќе средства за да санира штети и последици кои можеме да ги превенираме заедно!“ истакнуваат младите лекари од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ ЗАКОН ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈНОСТ: „Се соочуваме со егзистенцијални проблеми и приморани сме да си одиме од земјава“

ЛЕКАРИТЕ БАРААТ НОВИ ЗАКОНИ ЗА ДОКТОРСКАТА ДЕЈНОСТ: „Подобри закони за поголема заштита“

ЈАВНА РАСПРАВА ВО КОМИСИЈАТА ЗА ЗДРАВСТВО: Стручната јавност бара нови и посебни законски решенија за лекарите, медицинските сестри, техничарите и акушерките

М.В