/ Прочитано:

979

Почеток на академската 2014/2015 година

Понеделник, 15 септември 2014 – За студентите на државните универзитети денеска почнува новата учебна 2014/2015 година и првиот академски час свечено ќе биде одбележан на факултетите.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на првиот ден од новата академска година ќе ги посети Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Државниот универзитет во Тетово, а неговиот заменик Спиро Ристовски Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

На петте јавни универзитети, во Скопје, Битола, Тетово, Штип и Охрид, оваа година беа слободни 24.121места за нови студенти, од кои 10.048 на Универзитетот во Скопје. На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) имаше 3.595, на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ), 5.310 места, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип (УГД) 4.728 места, а на Универзитетот за информатички науки и технологија „Св. Апостол Павле“ во Охрид 440 слободни места.

За упис во прва година на државните универзитети имаше два рока – во август и во септември. Факултетите на УКИМ на кои се уште има места ќе запишуваат студенти и утре.