/ Прочитано:

1.311

Почетокот на судењето за Зоран Божиновски е одложен за крајот на септември

Основниот суд Скопје 1- Скопје не може да ги добие доказите бидејќи предметот „Шпион“ е на јавна седница во Апелациониот суд. Судијката ги побарала доказите уште во август, но сè уште нема добиено одговор од Апелациониот суд.

20160901_102233

Новинарот Зоран Божиновски, кој е во притвор од април годинава, денеска не беше спроведен во Кривичниот суд каде што требаше да започне судењето против него.

Судијката Сандра Крстиќ која го води предметот во кој обвинет е Божиновски, истакна дека сѐ уште ги нема добиено доказите кои се дел од предметот „Шпион“.

Божиновски беше дел од предметот „Шпион“, но постапката за него беше раздвоена бидејќи тој беше недостапен за органите на прогонот. Сега Основниот суд Скопје 1 – Скопје не може да ги добие доказите бидејќи предметот „Шпион“ е на јавна седница во Апелациониот суд. Судијката ги побарала доказите уште во август, но сè уште нема добиено одговор од Апелациониот суд.

Јавната седница за „Шпион“ се одржува денес и утре во Апелациониот суд, а судењето за Божиновски беше одложено за 27 септември.

Според обвинителниот акт кој го поднесе Обвинителството за организиран криминал и корупција, Божиновски се товари дека ги сторил кривичните дела: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в. со чл. 45 и уцена од чл. 259 ст. 2 в.в. ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик.

Новинарските организации со мирен протест пред Кривичниот суд побараа Божиновски да биде пуштен од притвор и предметот против него да биде предаден во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

М. С.