/ Прочитано:

1.798

Почна расправата по амандманите во Парламентот на Турција за воспоставување претседателски систем во државата

Со предложените промени се овозможуваат многу поголеми овластувања за претседателот, со што тој ќе биде главен носител на извршната власт, ќе може да ја именува Владата, да предлага буџет и да прогласува вонредна состојба во државата. Со донесување на предложените измени ќе се зголеми и бројот на пратенички места во Парламентот, од 550 на 600, ќе се редуцира минималната старост на пратениците од 25 години на 18 години, а ќе се утврди претседателските и парламентарните избори да се одржуваат во ист ден.

Турција Парламент

Парламентот на Република Турција денеска ја започна расправата за пакетот уставни амандмани со кои би се зајакнала извршната власт на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган доколку би биле изгласани од мнозинството пратеници. Амандманите овозможуваат претседателот да се кандидира за шеф на државата уште два пати.

Со предложените промени се овозможуваат многу поголеми овластувања за претседателот, со што тој ќе биде главен носител на извршната власт, ќе може да ја именува Владата, да предлага буџет и да прогласува вонредна состојба во државата.

Со донесување на предложените измени ќе се зголеми и бројот на пратенички места во Парламентот, од 550 на 600, ќе се редуцира минималната старост на пратениците од 25 години на 18 години, а ќе се утврди претседателските и парламентарните избори да се одржуваат во ист ден.

Партијата на правдата и развојот (АКП), која е на власт и која е предводена од претседателот Ердоган, има 14 гласа помалку од потребните 330 за да бидат усвоени предложените амандмани. Но, Ердоган веќе ја обезбеди поддршката од Партијата за национално движење, која е ултранационалистичка група со 40 пратенички места во Парламентот.

Опозициските партии во Турција сметаат дека општествениот систем во Турција ќе стане диктаторски и дека земјата ќе се оддалечи од демократијата доколку пратениците ги изгласаат предложените амандмани.

„Со овој предлог се обидуваат да го променат демократското парламентарно уредување во тоталитарен режим, а тоа би значело крај на демократијата во Турција, затворање на патот на нашата земја кон Европската Унија, кон која тежнееме со децении“, изјави социјалдемократот Кемал Килчдароглу, лидер на Републиканската народна партија, која е најголемата опозициска партија во Турција.

Истовремено пак Владата на Турција смета дека засилен претседателски систем ќе ја намали нестабилноста во државата.

„Во Турција мора да се направат уставни реформи. Тие се неопходни пред сè поради зголемениот број терористички напади и секојдневните закани за терористички дејствија во најголемите градови: Истанбул, Анкара и во Измир“, изјави премиерот Бинали Јилдирим.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој во последните 14 години е доминантна политичка личност во земјата, смета дека само моќно претседателско водство во државата може да доведе до просперитет на Турција.

Според очекувањата, расправата во Парламентот би требал да трае околу две недели, а реформите мора да поминат два круга на гласање и да добијат поддршка од најмалку 330 пратеници од вкупно 550, колку што има законодавниот дом на Турција.

Доколку бидат изгласани реформите, тоа ќе значи воспоставање на претседателски систем на владеење за првпат во текот на 94-годишното постоење на модерната Република Турција.

А. Б.