/ Прочитано:

983

Почнува судењето за Горан Хаџиќ, последниот хашки бегалец

Вторник, 16 октомври 2012 – Во Хашкиот трибунал почна судењето на поранешниот претседател на самопрогласената Република Српска, Горан Хаџиќ, обвинет за прогон на Хрвати и други злочини над несрпско население во Источна Славонија од 1991 до 1993 година. Хаџиќ е последен од 162-та обвинети на кои им се суди во Хаг.

Горан Хаџиќ во Хаг

Со воведните зборови на хашкото обвинителство денеска почна судењето на Горан Хаџиќ, поранешниот претседател на Република Српска, обвинет за прогон и злочини над несрпско население за периодот од 1991 до 1993 година во Источна Славонија. Судскиот процес за Хаџиќ ќе биде последен пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг од поранешните југословенски земји.

Хаџиќ (54) е обвинет по 14 точки за прогон, истребување и убиство на несрпско население, затворање, мачење, насилно постапување и нехумани дела, депортација и присилно преместување, безобзирно постапување спрема населението, уништување културни и верски објекти и грабеж.

Судскиот процес ќе го водат судијата Ги Делвоа од Белгија и членовите на судскиот совет, судиите Бартон Хол од Бахамите и Антоан Миндуа од Конго. Хаџиќ пред нив се изјаснил дека не се чувствува виновен за ниту едно дело кое му се става на товар. Обвинителството планира да сослуша 141 сведок и да приложи 5.840 докази. Неговата одбрана ќе ја дадат адвокатите Зоран Живановиќ и Кристофер Госнел, а судските трошоци ќе ги подмири Трибуналот.

Според обвинението, Хаџиќ од август 1991 до крај на 1992 година учествувал во здружена злонамерна акција чија цел била трајно и насилно прогонување на хрватското население од поголемите делови на територијата на Хрватска. На чело на таа акција, според обвинението бил тогашниот претседатал на Србија, Слободан Милошевиќ, а меѓу учесниците биле Јовица Станишиќ, Франко Симатовиќ-Френки, Воислав Шешељ, Жељко Ражнатовиќ-Аркан, Милан Мартиќ, Радован Стојичиќ-Баџа и други припадници на ЈНА. Хаџиќ заедно со другите учесници во акцијата планирале, иницирале, направиле и помогнале прогон на несрби на расна, верска или политичка основа, стои во обвинението.

Во обвинението пишува и за прогонот што опфаќал истребување и убиство на стотина цивили Хрвати и несрби, вклучувајќи жени и стари лица во Даљ, Даљ Планина, Ердут, Ердут Планина, Клиси, Ловас, Грабовац и Вуковар.

Тие злосторства ги направиле паравоени формации, вклучувајќи ги Ражнатовиќ и Шешељ. Во обвинението против Хаџиќ наведени се имиња на 348 жртви, вклучувајќи и 194 хрватски заробеници кои на 20 и 21 ноември во 1991 година, биле убиени на фармата „Овчар“ кај Вуковар.

По седумгодишно бегство, Хаџиќ е уапсен на 19 јули 2011 година кај Фрушка Гора, а на 22 јули е преместен во притворот на Трибуналот во Шевенинген. Хаџиќ е обвинет за депортација и присилно преместување на 10.000 хрватски и други несрпски цивили од тоа подрачје.