/ Прочитано:

686

Почнуваат обуките на правосудството за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Петок, 6 март 2015 – Денеска и утре, во хотелот Арка во Скопје, со почеток во 12:00 часот, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев, а во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (INL), ќе се одржи првата обука за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

„Целта на обуката е целосна подготовка на правосудството за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната, поточно да се презентираат новите законски решенија, да се дадат практични објаснувања на позначајните законски одредби, да се истакнат спорните ситуации и да се предложат мислења за нивно решавање, како и да се унапредат практичните знаења и вештини на судиите и јавните обвинители, со крајна цел воедначување на казнената политика“, информираат од Академијата.

Од Академијата посочуваат дека утврдената листа на предавачи за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната се од редот на работната група која работеше на изработка на текстот на законот, и тоа судии и јавни обвинители.

„На обуката ќе присуствуваат вкупно 27 учесници и истата ќе биде спроведена од едукаторскиот тим во чиј состав се: Зуица Наумова, судија во Апелациониот суд Скопје и Љиљана Ивановска-Шопова, в.д. претседател на Апелационен суд Скопје“, се вели во соопштението.

Темите кои ќе бидат опфатени во рамките на Советувањето се следните: Одмерување на казната, Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, Отежителни околности, Олеснителни околности, Практична примена на прилозите кон Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, Разгледување на случај, Вежби (Донесување одлука за кривична санкција со образложение на донесената одлука, презентации на образложението на донесената одлука).

>> РАБОТЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ОБУКИТЕ ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ОДРЕДУВАЊЕ НА ВИДОТ И ОДМЕРУВАЊЕ НА ВИСИНАТА НА КАЗНАТА