/ Прочитано:

1.059

Подигнато обвинението против Паско Кузман

Вторник, 13 август 2013 – Обвинителството за организиран криминал подигнало обвинение  против сите 16-мина опфатени со „Фаланга 2“. Обвинението како последен го опфаќа и ексдиректорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, кој беше уапсен пред еден месец под сомнение дека ја злоупотребил службената положба, односно дека спротивно на законот издал согласност за ископување на две локации, јави „Канал 5“.

Како што објави телевизијата, неговиот адвокат Александар Новаковски, веќе го пишува приговорот на обвинението. Според Новаковски, не постојат елементи на кривичното дело за кое се товари Кузман и тој нема поврзаност со делата за кои се обвинуваат останатите во „Фаланга 2“.

Минатата недела адвокатот поднел гаранција во имот, односно семејната куќа во Охрид  и ниви, за Кузман да се брани од слобода. 

Првично, во мај годинава, со акцијата „Фаланга 2“ беа уапсени повеќе лица меѓу кои и вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија како и полициски службеник од Велес. Акцијата беше спроведена на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје. Осомничени се дека вршеле илегални ископувања и одземале археолошки предмети од непроценлива вредност, кои потоа ги продавале во странство. Нивните адвокати подоцна реагираа дека воопшто не станува збор за артефакти бидејќи дел од предметите кои им беа запленети истражниот судија им ги врати затоа што биле копии.

Судењето за „Фаланга 2“ се очекува да стартува во септември, откако обвинението ќе стане правосилно.