/ Прочитано:

3.566

ПОЕТ СЕ РАЃА, ОРАТОР СЕ СТАНУВА: Д-р ИВО ПУХАН, брилијантниот професор со ораторство на стар Римјанин

Традиционалните ораторски вечери на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кои секоја година се одржуваат на светскиот Ден на човековите права – 10-ти декември, го носат името на легендарниот професор по римско право д-р Иво Пухан, втемелувачаот на катедрата за правно-историски науки. Тој е родоначалник на проучувањето на многу значајни прашања од римското право и прв почнал да го проучува римското право на тогаш новооснованиот Правно-економски факултет во Скопје. Неговите современици и студенти, и денес со восхит говорат за него, нарекувајќи го „брилијантниот професор“.

„…Беседништвото може со мудри мисли да го обземе духот, а со убави зборови да го помилува увото; да го крене срцето на народот, да ги отстрани сомнежите на судијата, да даде решавачки совети, да ги заштити невините, да им помогне на бессилните, да ги спаси потиштените, да ги ослободи прогонетите, да ги повика заблудените, да ги издигне слабите, да ги понижи дрските, да ги надвладее противниците, да ги придобие колебливите, да ги преобрази сомничавите, да ги затвори отпадниците, да ја поддржи правдата, да ја сруши неправдата и со истата сила да се брани и напаѓа…“ 

Цицерон

Во овие зборови на Цицерон, несомнено, најдобро може да се препознае името, ликот и делото на професорот Иво Пухан, за кој проф. д-р Мирјана Поленак Аќимовска ќе рече:

Тој е човек којшто со посебна умешност, знаење, ораторство на еден стар Римјанин, шарм и брилијантност на еден вистински професор им ги пренесуваше своите знаења и размислувања на слушателите“.

Втемелувач на катедрата за правно-историски науки

Проф. д-р Иво Пухан е втемелувач на катедрата за правно-историски науки. Тој е родоначалник на проучувањето на многу значајни прашања од римското право и прв почнал да го проучува римското право на тогаш новооснованиот Правно-економски факултет во Скопје.

Животен и професионален пат

Професорот Иво Пухан е роден е на 28 март 1916 година во Пакрац, Република Хрватска. Основно училиште завршил во родното место, а средно во класична гимназија во Загреб.По зaвршувaњето нa гимнaзијaтa, тој студирaл нa Теолошкиот фaкултет во 1938 годинa. Пред крaјот нa војнaтa, поточно, во 1944 годинa, проф. д-р Иво Пухaн зaминaл во пaртизaни, во Шестaтa личкa дивизијa, учесник е нa Сремскиот фронт, кaде што е и рaнет.

Во Белград ги продолжил студиите нa Прaвниот фaкултет, каде што и докторирал.На 1 април 1952 година бил избран за доцент на Правно-економскиот факултет во Скопје, а во 1957 за вонреден професор. Со статус на редовен професор на Правниот факултет во Скопје се здобил во 1962. Од 1954 бил продекан на Правниот факултет, а декан во 1957 и во 1975 година.

За проректор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј бил избран во 1958 година. Вторпат бил избран во 1960 и останал на функцијата до јануари 1964 година.

Бил југословенски делегат на Хашките конвенции за меѓународно приватно право во 1960,1964 и 1968 година, а во 1972 бил и шеф на делегацијата. Бил член на југословенската воена арбитража, член на југословенската надворешно-трговска арбитража, член на Арбитражниот суд на надворешно-трговската комора во Париз (Република Франција) и претседател на Арбитражата при Стопанската комора.

Научник кој остави белег и на европските простори

Како професор и научник се појавува не само во македонската научна и стручна јавност, туку и пошироко на балканските и европските простори. Научниот опус на проф. д-р Иво Пухан може да се подели на дела и студии од областа на неговата потесна специјалност – римското право и на 10 дела и студии од областа на граѓанското право, во поширока смисла на зборот, вклучувајќи го и семејното право, стопанското право и меѓународното приватно право, дела и студии од областа на самоуправното право и заштитата на уставноста и законитоста, како и од областа на проблемите на високото образование на Република Македонија.

Обемно и значајно творештво

Негови најзначајни трудови се „Лaтински језик – Приручник зa студенте прaвa“, „Сaлијски зaконик – (превод лaтинског текстa)“, „Прилог историји клaсне борбе у Eтрурији“ ,„Историјa стaрог римског нексумa (докторскa дисертaцијa)“, „Римски кривични поступaк“,  „Римско прaво I – Историјa нa римското држaвно уредувaње и извори нa римското прaво“,„Римско прaво II“,  „Прaвени прирaчник зa прaвaтa и должностите нa грaѓaните“ , „Римско Прaво“ итн.

11.12.2014

М.В/veljanoskim@akademik.mk