/ Прочитано:

2.239

Поголемо вклучување на лицата со хендикеп на пазарот на трудот преку подобрување на нивните вештини, образование и квалификации

„Центар за вработување на лица со хендикеп“ е новиот проект што почнуваат да го реализираат Стопанската комора на Македонија и „Полио плус – движење против хендикеп“. Проектот е дел од Оперативната програма за развој на човечките ресурси 2007-2013 година – ИПА.

Генерална цел на проектот е поголемо вклучување на лицата со хендикеп на пазарот на трудот преку подобрување на нивните вештини, образование, квалификации, кои ќе придонесат за нивна целосна интеграција во општеството.

Преку овој проект ќе се изгради мост меѓу лицата со хендикеп и компаниите, со цел обезбедување на сите неопходни и потребни стручни знаења, обуки и практики за јакнење на нивните вештини и капацитети, кои ќе придонесат за нивен интегриран пристап до пазарот на трудот. Паралелно, компаниите ќе бидат информирани за бенефитите што ќе ги добијат при вработување на лица со хендикеп, за да се обезбедат адекватни услови за нивно целосно интегрирање.

Центарот за вработување на лицата со хендикеп, вели оперативниот директор на Стопанска комора на Македонија, Елена Милевска-Штрбевска, ќе креира програми неопходни за стекнување на стручни знаења и обуки за јакнење на вештините и капацитетите на лицата со хендикеп.

„Креатори на иницијативите за вработување на лицата со хендикеп треба да се токму лицата со хендикеп и тоа треба да биде договор помеѓу бизнис заедницата и хендикепираните, а улогата на државата да биде во насока на давање поддршка, но и да биде гарант на тој договор“, истакнува програмскиот раководител на „Полио плус – движење против хендикеп“, Елена Кочоска.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека целите на проектот се развој и спроведување професионална рехабилитација и услуги на лична асистенција за поинтензивно и квалитетно интегрирање на луѓето со хендикеп на пазарот на трудот и подобрување на испораката и мониторингот на услугите кои се обезбедени за ранливите категории на население, преку понатамошна автоматизација на деловните процеси во институциите за социјална заштита и олеснување на размената на податоци помеѓу надлежните институции.

„Овој проект се одвива преку три компоненти, и тоа: унапредување на професионалната рехабилитација и вработувањето на лицата со инвалидност, воведување услуги за лична асистенција за лицата со инвалидност и компонента и надградба на постојниот ИТ-мониторинг систем и вмрежување“, вели министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

„Ако во 2007 година 47% од лицата со инвалидност биле вработени во отвореното стопанство, а 53% во заштитните друштва, во текот на изминатиот период се забележува тренд на значителна промена на структурата, со тоа што во последните неколку години тој однос се менува и околу 60% од регистрираните вработувања на лицата со инвалидност во текот на годината се во отвореното стопанство. Наша заложба и понатаму ќе биде да се задржи овој тренд и дополнително да се подобрува”, истакна Ибрахими.

Според директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, во периодот од отпочнување на примената на Законот за вработување на инвалидни лица, заклучно со 2016 година, доделени се 2.088.660.754,00 денари по основ на вработување на инвалидни лица, адаптација на работно место, набавка на опрема, работно оспособување на инвалидни лица, како и за изградба и доградба на работен простор.

M.В