/ Прочитано:

809

Понеделник последен рок за отпис на долгови — досега доставени 34 илјади барања

Вторник, 7 октомври 2014 – Понеделник е последниот рок кога граѓаните од ранливите категории може да поднесат барање за отпис на долговите. Продолжување на рокот ќе нема, а надлежните ги повикуваат граѓаните што ги исполнуваат условите да ги посетат центрите за социјална работа и да поднесат барање. Досега се поднесени околу 34.000 барања, а првите решенија се очекуваат меѓу 20 и 25 октомври. 

Заклучно со вчерашниот ден, како што инфомираа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, достaвени се околу 34.000 барања. Најголем дел 11.000 се во Скопје, во Куманово има 4.500, а следуваат Прилеп, Тетово, Гостивар и Струмица со поднесени меѓу 1600 и 2600 барања. 

„Уште пет дена има до крајниот рок, 13 октомври во 1 часот и 30 минути. Апелирам граѓаните да не го чекаат последниот ден кога ќе има гужви и нервози, туку да дојдат уште денеска и да поднесат барање, порача министерот Ставрески.

Тој додаде дека нема причина за продолжување на рокот, бидејќи граѓаните беа информирани и очекува оние кои ги исполнуваат условите да ја искористат можноста и правото за отпис на долгови. 

Комисиите ги разгледуваат поднесените барања, а целиот процес се очекува да заврши во ноември.

Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Барања може да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени и лица што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските.