/Прочитано:

3.789

„Поправеден свет за децата е возможен само ако нема војни, ако има чист воздух и здрави деца“ – Драги Змијанац, основач и претседател на „МЕЃАШИ“

Поправеден свет за децата е возможен само ако нема војни, ако има чист воздух и здрави деца, ако на посвоените деца им се овозможи да ги дознаат своите биолошки родители, ако на децата со здравствени и посебни проблеми им се овозможи квалитетно здравство и образование, ако децата имаат еднакво двајца родители кои квалитетно и заеднички ќе се грижат за него и кога тие се разведени, ако се вклучат сите деца во образованието и ако нема деца прогонети од своите родни огништа како резултат на војни и конфликти, ако децата не се принудуваат на проституција, порнографија, ако нема силувани, мачени деца, ако нема сиромашни деца, вели за Академик м-р Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“, која денес го прославува 25 годишниот јубилеј.

Оваа година се одбележува значајниот јубилеј 25 години од основањето на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Што Ве поттикна да ја создадете најстарата граѓанска организација во Република Македонија за заштита на правата на детето и какви беа нејзините почетоци?

Кога почна војната во поранешна Југославија, амбасадата која требаше да се гради во малото место Меѓаши се дислоцира во Сараево, по иницијатива на мојата колешка и сопруга Гордана, која стапи во контакт со творецот на идејата Душко Томиќ и тој даде согласност да формираме на почетокот конзулат, а во 1994 се пререгистриравме во Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“. Јас бев од самиот почеток поддршка во основањето и формирањето на Првата детска амбасада, тоа го работев волонтерски сѐ додека не сфатив дека ова е едно големо светско движење, дека треба многу да се помогне и професионално да се ангажирам. Како Детска амбасада „Меѓаши“ се најдовме и во клучните мигови за децата погодени од војната кога уште не бевме ни регистрирани. Всушност, Гордана, Коле и јас и многу тогаш граѓански активисти и волонтери започнавме со згрижување на децата бегалци во нашите домови како неформална граѓанска иницијатива за помош, поддршка, со една вистинска солидарност и хуманост да им се помогне на децата погодени од војната во Босна и Херцеговина, на еден апел на Јутел, упатен од Александар Мичиќ до македонските граѓани да згрижат деца бегалци од Хрватска и од БИХ. Гордана, како координатор на формирањето на генералниот конзулат во тоа време, појде во МТВ и на 12 април 1992 го поддржаа апелот од Сарaево и почна евакуацијата на децата од БиХ и Хрватска во Македонија. „Палер Македонија“ излезе во пресрет и даде еден авион, стигнаа првите бегалци, беа пречекани од многу јавни личности, Драган Мијалковски, Есма Реџепова, Коле Ангеловски, сите се приклучија за да ги згрижиме бегалците и ние, всушност, и така почнавме. Почнавме неформално, а се регистриравме на 29 април и по неколку години интензивна грижа за бегалците, почнавме во 1993 година и со активности кои се однесуваат на потребите и интересите на децата во Македонија, кои може да се реализираат во мирновременски услови.

Во изминатите 25 години, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во македонското општество означува синоним за борбата за правата на детето, што се должи на искрената посветеност кон правата на децата во насока на изградба на поправеден свет за нив. Во таа смисла, кои се најзначајните достигнувања на Детската амбасада „Меѓаши“?

Кога пред 25 години се оформивме за да им помогнеме на децата погодени од војната во Босна и Херцеговина, не знаевме во што се втурнуваме, со какви предизвици ќе се соочуваме, како со нив ќе се справуваме. Не можевме ниту да замислиме што нè очекува. Така дојдоа и бегалците од Косово во 1999 г., внатрешно раселените деца од конфликтот во 2001 г. во Македонија. Сега и децата бегалци од Сирија.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, од своето основање во април 1992 до денес, заедно со работниот тим, активисти/активистки за детски права, мировни работници и волонтери се борат за почитување на правата на децата во Македонија и градење култура на мир од најрана возраст. Споредбено, проблемите што ги имаа децата во деведесеттите и денес навидум се различни, но фактички мене ми изгледаат исти. На почетокот, во првите 10 години од оформувањето, главна задача ни беше да се згрижат децата бегалци погодени од војната во Босна и Херцеговина, Косово и конфликтот во Македонија, а денес главно фокусот ни е на заштитата на децата од насилство и злоупотреби, но и на мобилизирање на јавното мислење и мобилизирање на институциите за децата бегалци, особено оние деца што патуваат без придружба или се жртви на криминалните структури.

Најзначајното достигнување на Детската амбасада „Меѓаши“ е што во овие изминати 25 години урнавме многу табуа. Го укинавме молкот на страдањето на децата од сексуална злоупотреба, од физичко насилство, за проблемите кои ги имаат кога нивните родители се разведуваат, од тагата поради тајноста посвоените деца да немаат пристап до своите биолошки родители, од секојдневните проблеми со кои се среќаваат децата, од меѓуврсничкото насилство, од тоа дека сѐ уште има деца без извод од матичната книга на родените, деца чијшто труд се злоупотребува, деца што не се вклучени во основното образование или се спречени да го завршат.

Како ја оценувате состојбата со правата на детето денес и каде тие најмногу се нарушуваат и загрозуваат?

Алармантна е состојбата со злоупотреба на детскиот труд. Иако во Македонија основното и средно образование се задолжителни за сите деца, сепак, над 18.500 деца не се вклучени во редовниот образован систем, над 3.000 деца немаат извод од матичната книга на родените и над 2.000 деца го поминуваат своето детство на улица, живеејќи под ведро небо без родителска или старателска грижа. Најчесто токму овие деца се жртви на најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд. Децата на улица, ако се пропуштат во првите 6 години и не се вклучат во градинка и основно образование, се регрутираат од криминални банди, стануваат корисници на дрога. Државата сѐ уште нема целосен систем за превенција, нивна ефикасна заштита која ќе им ги гарантира најелементарните права на живот, здравство и образование. Државата треба да ги заштити децата од работа која е опасна или која може да им наштети на здравјето (член 19, 32 и 36 од Конвенцијата за правата на детето). Децата воедно имаат право и на достоинствен живот и бесплатно образование (членовите 27 и 28 од Конвенцијата за правата на детето). Исто така, член 1 од Конвенцијата за забрана на најлошите форми на детски труд ја обврзува Република Македонија да преземе итни и корисни мерки за да обезбеди забрана и елиминирање на најлошите форми на детски труд. Во член 3 од оваа Конвенција се наведува точно дека најлошите форми на детскиот труд се однесуваат на сите видови ропство, продавањето и трговијата со деца, присилна и принудна работа, употреба, посредување или понуда на дете за проституција, за производство на порнографија, употреба, посредување или понуда на дете за противзаконска дејност, особено за производство и трговија со дрога, работа која по својата природа или околности во кои е извршена им штети на здравјето, сигурноста и моралот на децата…

 Кои ќе бидат идните активности на „Меѓаши“ во контекст на она што го има фокусирано како потреба и неопходност за подобрување на правата на детето?

Идните активности ќе бидат фокусирани на мобилизирање на државните институции во искоренување или надминување на причините кои ја влошуваат состојбата со влошување на правата на детето, особено правото на образование. Сиромаштијата и неписменоста кај децата се голем проблем со кој се соочува Македонија. Злоупотреба на детскиот труд е тесно поврзан со сиромаштијата. Некои од сиромашните семејства не можат да си дозволат директни или индиректни трошоци за образување на децата. Справувањето со ваквиот вид семејна сиромаштија е централен дел од стратегијата за справување со детскиот труд. Државата, исто така, треба да спроведе стратегии за социјална заштита кои ќе им помагаат на сиромашните семејства да излезат од кругот на неписменост, злоупотреба и сиромаштија. Клучот е во образованието за сите деца. Борбата против детскиот труд е тесно поврзана и со вклучување на децата во образование. Затоа државата треба да ги вклучи сите деца во образовниот процес. Воедно, треба да спроведува и програми за образование на возрасните кои од различни причини не биле вклучени во редовниот образовен процес.

Во таа насока, кој е Вашиот апел за да се создаде поправеден свет за децата?

Да нема војни, да градиме култура на мир кај децата од најрана возраст. Да ги воспитуваме децата на вредности како што се љубов, мир, толеранција, солидарност, хуманост и праведност. Овие вредности да се учат дома, во градинка, на училиште. И медиумите имаат клучна улога во своите содржини да продуцираат програми наменети за децата со овие вредности. Мирот се гради од најрана возраст. Ако сакаме да ја градиме културата на мир во едно мултиетничко општество, како што е нашето, треба да почнеме веднаш, во целото општество во сите сфери на животот, а кај децата уште од најрана возраст.

Поправеден свет за децата е возможен само ако нема војни, ако има чист воздух и здрави деца, ако на посвоените деца им се овозможи да ги дознаат своите биолошки родители, ако на децата со здравствени и посебни проблеми им се овозможи квалитетно здравство и образование, ако децата имаат еднакво двајца родители кои квалитетно и заеднички ќе се грижат за него и кога тие се разведени, ако се вклучат сите деца во образованието и ако нема деца прогонети од своите родни огништа како резултат на војни и конфликти, ако децата не се принудуваат на проституција, порнографија, ако нема силувани, мачени деца, ако нема сиромашни деца. Борбата е тешка, долга и бара многу посветеност и други соборци кои ќе ни се приклучат за да можеме да бидеме заедно гласот на децата, свеста и совеста на општеството, да бидеме ние тие кои ќе ја направат промената за подобар и поправеден свет за достојно детско живеење.

М.В