/ Прочитано:

1.225

Поради „Ровер“, директорот на „Идризово“ ги преиспитува околностите за предвремено отпуштање на Бошкоски

„Користењето на предвидената законска можност се преиспитува за секој случај поединечно, имајќи ги предвид останатите околности за личноста и за кривичната постапка која е во тек, како и за можните ризиците во однос на текот од оваа постапка“, вели Пејковски во реакцијата.

????????????????????????????????????

Директорот на затворот „Идризово“, Живко Пејковски, преку соопштение информира за законските можности за предвремено пуштање на Љубе Бошкоски на слобода, но и ги демантира шпекулациите што се појавиле во медиумите за каква било политичка вмешаност и вршење притисок од кого било во остварување на правата и третманот на осудените лица, како и во конкретниот случај.

Тој појаснува дека законската можност за предвремено отпуштање на Бошкоски од затвор се разгледува поради постапката „Ровер“, која се води против него, за која следното рочиште е закажано за 8 април.

„Законската одредба предвидува можност за отпуштање на осудено лице пред истекот на казната затвор и тоа не од три месеци, туку до три месеци, поради што се неточни наводите дека трите месеци му следуваат на осуденото лице Љубе Бошкоски како право. Користењето на предвидената законска можност се преиспитува за секој случај поединечно, имајќи ги предвид останатите околности за личноста и за кривичната постапка која е во тек, како и за можните ризиците во однос на текот од оваа постапка“, вели Пејковски во реакцијата.

Пред затворот „Идризово“ денеска се собраа поддржувачите на Љубе Бошкоски кој таму издржува затворска казна за случајот „Кампања“. Поддржувачите на Бошкоски побараа од директорот на затворот да го потпише решението за предвремено отпуштање од затворот на три месеци пред истекот на петгодишната затворска казна.

Адвокатот на Бошкоски, Константин Кратовалиев, денеска го посетил својот клиент во затворот „Идризово“. Тој вели дека Бошкоски се чувствува добро и дека нема никакви притисоци во затворот од никого.

„Очекуваме дека директорот ќе го потпише решението за пуштање на Бошкоски од затвор. Исполнети се законските услови и 90-те дена, за кои директорот може да отпушти осудено лице, почнуваат да течат денеска на полноќ. Директорот во секој момент може да го потпише решението. Ако му биде одземено ова право на Бошкоски, врз основа на објективни пречки, а такви пречки не постојат бидејќи и Судот и воспитувачкиот кадар во затворот имаат изразено позитивно мислење, тоа ќе значи дека Јавно обвинителство ќе треба да утврди дали постои злоупотреба на службената положба и овластување од страна на директорот“, изјави Кратовалиев.

Според Законот за извршување на санкции, директорот на затворската установа може да го отпушти осуденото лице и пред истекот на казната ако издржало најмалку три четвртини од казната затвор и ако не добило условен отпуст, и тоа до 30 дена за казна затвор до една година, до 90 дена за казна затвор до пет години и до 120 дена за казна затвор над пет години. Директорот на затворот со општ акт утврдува критериуми за предвремено отпуштање на осуденото лице пред истекот на казната.

Условите што треба да ги исполни осуденото лице за да добие предвремено отпуштање се:

– осуденото лице од самиот почеток на издржувањето на казната да соработува и да го прифати процесот на ресоцијализација;

– во согласност со одредбите на куќниот ред да има позитивно однесување во осуденичката средина;

– дисциплинирано и квалитетно да ги извршува поставените работни задачи во текот на работното ангажирање;

– да има позитивен однос кон сите вработени во установата, а особено кон непосредниот воспитувач и инструктор и

– да не ги злоупотребува дадените погодности во текот на издржувањето на казната.

Љубе Бошкоски беше осуден на петгодишна казна затвор за случајот „Кампања“. Тој беше уапсен на 6 јуни 2011 година, веднаш по завршувањето на предвремените Парламентари избори, под обвинение дека како лидер на партијата Обединети за Македонија незаконито ја финансирал изборната кампања.

Бошкоски е во затвор речиси пет години. Во меѓувреме против него беше поведено обвинение и за случајот „Ровер“. Овој предмет се наоѓа во фаза на трето повторено судење. Казната што му ја досуди судот на Бошкоски за „Ровер“ изнесува 10 години и шест месеци затвор.

М.С.