/ Прочитано:

2.645

„Поради слабата правничка едукација се губат спорови во Стразбур“ – ТРАЈЧЕ ТОРОВ, адвокат со над 30 случаи добиени пред Европскиот суд за човекови права

Вели дека недоволната едукација на македонските правници е отежнувачка околност за да се зголеми успехот за добиени спорови пред Европскиот суд за човекови права. Според адвокатот од Штип со над 30 спорови добиени пред Европскиот суд, нема доволно напредок во унапредувањето на заштитата на човековите права, а една од слабостите е и неприменливоста на задолжителната практика од Европскиот суд за човекови права. Адвокатот Трајче Торов истакнува за Академик дека со секој нов добиен спор државата ќе биде поттикната да ги коригира грешките, а пресудите имаат големо влијание врз креирањето на јавната свест за заштитата и процедуралните механизми за заштита на човековите права.

Во Македонија нема доволно напредок во заштитата на човековите права

„Судските постапки, правото и судската власт, се еден од гарантите на  човековите права, поточно еден од главните гаранти. Дали се почитуваат човековите права многу влијае како се тие заштитени од страна на судскиот систем и, генерално, системот во Република Македонија. Значи, ако не се заштитени правата, тие се формални, но фактички не се остваруваат бидејќи нема заштита на правата. Тогаш се фиктивни права, не се реални. Би рекол дека во Македонија има подобрување во заштита на човековите права, меѓутоа нема доволно напредок кој е потребен за секоја нормална демократска земја и секогаш има можност за унапредување на тие права. Судовите се гаранти за правата, меѓутоа ако не се спроведува законот онака како што е ставен на хартија, тогаш и правата не се почитуваат. Граѓаните бараат заштита преку судовите доколку се прекршени правата, но колку се заштитуваат тие зависи индивидуално од одредени судии, од квалитетот на судиите, од тоа колку се оставени да работат слободно без притисок, така што одредени постапки се завршуваат онака како што би требало и се штитат правата на граѓаните. Има и доста прекршувања, има и доста постапки што не се спроведуваат во согласност со законите и затоа луѓето бараат заштита пред Европскиот суд за човекови права“, вели Торов.

Никогаш не е доволна потребата од заштитата на човековите права

Торов објаснува дека Македонија е потписничка на Европската конвенција што е ратификувана уште од 1997 година и оттогаш таа е под надлежност и јурисдикција на ЕСЧП и затоа мора да се почитуваат и да се применуваат обврските од конвенциското право.

„Граѓаните главно оттогаш, мислам од април 1997 година, почнаа да водат постапки пред овој Суд, по исцрпување на домашните постапки и процедури. На почетокот, бидејќи е ограничен со Конвенцијата, Европскиот суд не започнуваше постапки за настани пред 1997 со одредени исклучоци на постапки кога има континуирана повреда што се провлекува во понатамошниот период, но тоа зависи од судската практика. Со овој Суд и со потпишувањето и ратификацијата на Конвенцијата за човековите права и нашите домашни судови се должни директно да ја применуваат практиката на Европскиот суд за човековите права во судењето во домашните спорови. На почетокот тоа се применуваше многу тешко. Сега има некој минимален напредок, но не е доволно и никогаш не е доволна потребата од заштитата на човековите права на секоја индивидуа“, вели адвокатот, кој се осврнува и на своите почетоци со предметите пред Европскиот суд.

Почетоците како адвокат пред Европскиот суд за човекови права

„Во овој период, околу 1997 година, и јас го имав првиот случај, а тоа е случајот Јанева против Македонија, во кој во спогодба со државата е пресудена штета од 77.000 евра. Потоа имав случаи од различни области од заштитата на човековите права, како што се заштитата на правото на слобода, правото на сопственост, правото на судење во разумен рок, правото на непристрасно судење, правото на пристап до судска заштита и други права предвидени во Европската конвенција за човекови права“, раскажува Торов.

Искусниот адвокат ги посочува и причините и процедурите поради кои се случува губењето на споровите пред Европскиот суд. Проблемот за тоа го лоцира во слабата правничка едукација.

Слабата едукација – причина за губењето на споровите

„Пред Европскиот суд не се користат или не се применуваат класичните термини од домашното законодавство, како повреда на закон или повреда на постапка или фактичка состојба, туку се утврдуваат повреди на правото од Европската конвенција. Токму затоа и настануваат одредени проблеми. Слабата едукација на нашите правници, односно  употребата на тие термини е негативен елемент што доведува до губење на споровите. Значи, онаа повреда од домашното право мора да ја префрлите на правото предвидено од Европската конвенција за човекови права или во спротивен случај предметот однапред ви е загубен. Тој елемент за недоволната едукација на нашите правници е отежнувачка околност во зголемувањето на успехот за добиени спорови пред Судот. Исто така отежнувачка околност е пренатрупаноста на Судот, така што и одредени предмети некогаш се гледаат површно што го отежнува успехот на нашите граѓани пред Европскиот суд за човекови права. Европскиот суд е оптоварен и вршеше неколку измени на постапките бидејќи работи за стотици милиони граѓани од цела Европа, од земјите што се потписнички на Конвенцијата и што се под јурисдикција на Советот на Европа. Тоа е оправдано во некои случаи кога не постои објективна можност за да се подобри квалитетот на постапувањето и на тој Суд“, констатира адвокатот.

Недоволна иницијативност и несоодветно правничко образование

Според него, причина за слабата едукација е недоволната иницијативност, но и образованието на правниците.

„Поранешниот систем и поранешното образование, воопшто, не го предвидуваа овој систем на обука бидејќи тогашните правници, што имаат завршено пред 1997 година, немаат ваков тип  образование, дел од не се интересираат, нема иницијативност. Дел од обуките преку Адвокатската комора не се доволни за едукација и усовршувањето на  адвокатите е индивидуално и многу зависи од нивната самоиницијативност, што е субјективен фактор“, смета Торов, кој го потенцира и аспектот на применливоста на практиката на Судот како задолжителен извор на правото, што е пак е одраз на слабата обученост на судиите.

И обученоста на судиите е проблем

„Според прописите, праксата е извор на правото од 1997 година, меѓутоа зошто не ја применуваат судите е проблем од обуката на судството, а не само на адвокатурата. Значи, необученоста на судиите е проблем. Тие не сакаат и секогаш даваат отпор кон новото и многу ретко ја применуваат практиката на Европскиот суд во домашните постапки, иако е задолжително применлива од 1997. Ако се применува, се избира  што да се примени од неа. Не се применува сеопфатно, туку се избира случај ако се сака да не помине некој предмет. Површно се земаат случаите од практиката. Пак велам, тоа е индивидуално и треба да се промени и судиите да го применат ова право во редовната работа“, вели Торов.

Од судењето во разумен рок направивме тркачки постапки

Тој истакнува дека постои уште еден пример во домашната судска практика што е проблематичен, а тоа е неправилното толкување на судењето во разумен рок.

„Судењето во разумен рок не значи да се брза и да имаме тркачки постапки. Се доведовме во ситуација да го замениме квалитетот со квантитет. Не траба да има површност само за да се постигне брза правда, тоа не е смислата на судењето во разумен рок“, вели адвокатот.

Заштитата на човековите права да биде фактичка и реална

Адвокатот истакнува дека успесите пред Европскиот суд за човекови права му се додатен стимул за работа, и како што вели, ваквата промоција на човековите права е позитивно за сите граѓани во државата.

„Ако се зборува за човековите права, ако се штитат, ако се во фокусот на дебатата и ако се во интерес на јавноста, тогаш прекршувањата на правата нема да остане незабележано и тогаш ќе има генерално позитивно влијание врз заштитниците на човековите права, врз нивната желба да ги практикуваат фактички и реално, а не само на хартија, бидејќи ниедно право на хартија не е право, туку напротив – прекршување на правата. Осознаеноста, јавноста, секој поединечен успех на колега и секое добивање спор, покрај тоа што ќе доведе до наведување на државата за коригирање на грешките и за преземање мерки на индивидуална и генерална превенција на вакви повреди, ќе доведе и до засилување на свеста на јавноста и до начините да се користат механизмите за заштита на своите права“, вали адвокатот.

Премногу теоретски обработки на универзитетите

Како што подвлекува Торов, универзитетите  имаат стара слабост повеќе да бидат насочени кон теоретски обработки, а практичните се применуваат помалку.

„Меѓутоа, се надевам дека ќе дојде до промена бидејќи овој Суд функционира низ практиката, а европското право во областа на човековите права и практиката се градат низ практични предмети и затоа и се развиваат практично. Некое право или некоја повреда што не била доволно истакната или заштитена во минатото, денес со новата практика на Европскиот суд доведува до потемелна заштита. Ако некоја повреда не била повреда порано, со практиката на Судот се изградува и се збогатува заштитата на човековите права. Мислам дека е потребно луѓето да се едуцираат во оваа област и на практично користење на европското право, како и во конкретни предмети да се обучуваат практично. Младите правници кои се интересираат, покрај тоа што имаат редовна обука преку школските системи, треба самоинцијативно да користат шанси да се доградуваат и дообразуваат“, посочува адвокатот Трајче Торов.

Тој им препорачува на младите колеги, кои треба особено да бидат заинтересирани за запознавање на европската практика, да имаат силна иницијатива за да ја истражат оваа сфера.

Потребни се специјални обуки

„Современите алатки, како Интернетот и достапноста на практиката на Европскиот суд, им стојат на располагање на младите правници. Има и доволно литература и може, доколку некој сака да работи во таа област, да се надградува на различни начини. Може да има на иницијатива за специјални обуки во таа сфера, и да има различни механизми и гостувања на експерти од оваа област, па и директно и Европскиот суд и Советот на Европа да врши обуки во тој дел“, резимира Торов, кој уште заклучува дека со темелна едукација ќе има и успешно добиени спорови пред Европскиот суд за човекови права.


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 12.10.2014