/ Прочитано:

1.297

ПОРАКИ ПО ОДЛУКАТА НА ИВАНОВ: Меѓународната заедница повикува на почитување на Договорот од Пржино и работата на СЈО

„Веруваме дека одлуката на претседателот Иванов да ги помилува сите лица против кои се водат истраги поврзани со прислушуваните разговори може само да го поткопа владеењето на правото и да го зголеми чувството на неказнивост меѓу оние кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство. Остануваме загрижени дека новонастанатата состојба претставува дополнителен ризик за стабилноста на земјата и за посакуваната евроатланска интеграција и европска перспектива“, се наведува во заедничката изјава на Вајгл, Ховит и Кукан.

Средба на европратениците и Јоханес Хан

Претпладнево во Брисел, европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан и еврокомесарот за соседската политика и преговори за проширување Јоханес Хан разговарале за одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на повеќе политичари и нивни соработници кои се опфатени во повеќе истражни и судски постапки.

Во заедничка изјава објавена по средбата, европратениците изразуваат длабока загриженост поради последните случувања и ги повикуваат главните политички партии да работат заеднички во интерес на народот во Македонија. Покрај тоа европратениците ги повикуваат политичките лидери да се посветат на исполнување на сите обврски од Договорот од Пржино.

„Договорот од Пржино мора да биде целосно почитуван, вклучувајќи го и обезбедувањето на услови за заштита и зајакнување на владеењето на правото во земјата и гарантирање на кредибилни предвремени парламентарни избори кои треба да се случат оваа година. Веруваме дека одлуката на претседателот Иванов да ги помилува сите лица против кои се водат истраги поврзани со прислушуваните разговори може само да го поткопа владеењето на правото и да го зголеми чувството на неказнивост меѓу оние кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство. Остануваме загрижени дека новонастанатата состојба претставува дополнителен ризик за стабилноста на земјата и за посакуваната евроатланска интеграција и европска перспектива“, се наведува во заедничката изјава на Вајгл, Ховит и Кукан.

Европратениците додаваат дека им стојат на располагање на политичките лидери и дека се отворени за дискусија со цел да бидат разгледани последните случувања и да обезбедат целосна имплементација на Договорот од Пржино во корист на земјата и, пред сѐ, на граѓаните на Македонија.

Амбасадорот на САД во земјава Џес Бејли на својот твитер-профил напиша дека Специјалното јавно обвинителство и судовите треба да бидат оставени да си ја завршат својата работа.

Реакција на одлуката на Иванов упати и Владата на Германија. Оттаму велат дека е од особено значење СЈО да ја продолжи својата исклучително важна работа за институционално стабилизирање на државниот систем, која многу се цени од голем дел од македонското општество и од меѓународната заедница.

„Од сите страни очекуваме да го почитуваат принципот на владеење на правото. Се надеваме дека понатаму нема да се заострува состојбата во државата и во општеството правно и политички и дека ќе се зачува јавната безбедност“, се наведува во реакцијата.