/ Прочитано:

2.604

Поранешниот уставен судија Исмаил Дарлишта избран за обвинител во Јавното обвинителство на РМ

Советот на јавни обвинители на денешната седница го избра поранешниот уставен судија и министер за правда Исмаил Дарлишта за обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија.

Исмаил Дарлишта е роден на 4 април 1964 година во Скопје. Основно и средно образование завршил во Скопје, а потоа во 1984/85 година се запишал на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина. Дипломирал 1989 година, а правосудниот испит го положил во Скопје 1991 година. По дипломирањето, во периодот од 1990 до 1996 година работел како советник на Собранието на Град Скопје.

Истовремено, во периодот од 1996 до 2000 година бил заменик-член на Државната изборна комисија и работел како самостоен референт во Општина Центар во Скопје. Потоа се вработил како заменик-директор во Агенцијата за државни службеници во периодот од 2000 до 2002 година. Во периодот од октомври 2002 до октомври 2003 година бил министер за правда на Република Македонија. Од 20 јули 2005 година до 31 декември 2006 година работел како член на Републичкиот судски совет. На функцијата судија на Уставниот суд на Република Македонија бил избран на 31 јули 2008 година.

За прв човек на Вишото јавно обвинителство – Битола е именувана Мери Тромбева, а Билјана Стефчева е шеф на Основното јавно обвинителство – Радовиш, додека Ханефи Амет од Вишото јавно обвинителство – Скопје е избран за обвинител во Основното јавно обвинителство – Тетово.

На денешната седница на Советот избрани се и неколку в. д. шефови на обвинителства, кои ќе бидат вршители на должност во наредните еден до два месеци. Тоа, како што појасни претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјов, е едногласно договорено за да може да си формира сопствен тим новиот јавен обвинител Љубомир Јовевски.

За вршител на должност на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал е назначена Гордана Смаќоска, на Основното јавно обвинителство – Скопје е именуван Сашо Рајев, во ОЈО Куманово е избрана Теута Бедиу, во Гостивар – Башким Исини, а прв човек на Основното јавно обвинителство – Битола останува Антонио Јолевски.

М.В