/ Прочитано:

1.771

Посебна постапка за издавање на одобрение за градење во ТИРЗ и индустриските зони

Четврток, 23 јули 2015 – Во Собранието на Република Македонија предложени се измени по скратена постапка на Законот за градење и на Законот за технолошките индустриски развојни зони. Со измените на Законот за градење се врши усогласување со измените на Законот за технолошките индустриски развојни зони, а во врска со утврдувањето  посебна постапка за издавање на одобрение за градење за градбите во овие зони.

Постапката за издавање на одобрение за градење ќе се спроведува согласно  Законот за ТИРЗ

Со предложените одредби се предвидува дека постапката за издавање на одобрение за градење за градбите  во технолошките индустриски развојни зони формирани од Владата на Република Македонија и од правни лица, како и за градбите во индустриски и зелени зони основани од Владата на Република Македонија, почнувајќи од 1 септември 2015 година ќе се спроведува согласно  Законот за технолошките индустриски развојни зони и Законот за индустриски-зелени зони во писмена форма, а како надлежни органи за спроведување на постапката се утврдуваат Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и Министерството за економија со тоа што Министерството за економија ќе биде  надлежно за спроведување на постапките за градбите во технолошките индустриски развојни зони кои се предмет на јавно приватно партнерство.

Исто така, се утврдува и надлежност на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони за издавање на решение за изградба на градбите или поставување на опремата кои се утврдени во член 73 од законот за кои градби не се издава одобрение за градење, кои ќе градат односно поставуваат во рамки на технолошко индустриските развојни зони и индустриските и зелените зони како и на Министерството за економија за градбите во предметните зони за кои е склучен договор за јавно приватно партнерство.

Проектната документација за градбите ќе се изработува  во писмена форма

Понатаму со предлог законот се утврдува дека проектната документација за градбите во горенаведените зони  ќе се изработува и заверува во писмена форма, како и останатите постапки предвидени со Законот за градење по однос на градбите кои ќе се градат во горенаведените зони ќе се спроведуваат во писмена форма.

„Единствено постапките за измени во текот на изградбата, промена на инвеститор, издавање на одобрение за употреба и упис на недвижности во јавната книга на недвижности за градбите во овие зони за кои е издадено одобрение за градење согласно одредбите на Законот за градење, ќе се спроведуваат во електронска форма“, се вели во законското образложение.

Исто така, се врши допрецизирање на одредбите од законот  заради усогласување со одредбите со кои се утврдува надлежноста за издавање на одобрение за градење за градбите во технолошките индустриски и развојни зони, индистриските и зелените зони и со кои се утврдува начинот на спроведување на постапката за издавање на одобрение за градење за градбите во овие зони.

Измени на одредбите кои се однесуваат за начинот на спроведување на постапката за одобрение за градење

„Во таа насока се вршат измени на одредбите кои се однесуваат за начинот на спроведување на постапката за одобрение за градење и решение за изведување на градбите во овие зони,  за известување на непосредни соседи за издадено одобрение за градење, за издавање на одобрение за употреба, за запишување на објектот во јавната книга за недвижности, за реконструкција, адаптација и пренамена и за отстранување на објект со одобрение за отстранување“, се вели во образложува во законските измени.

Пократки рокови

Во образложението на измените на Законот за технолошките индустриски развојни зони се вели дека посебната постапка за издавање одобрение за градење во зоните ќе се спроведува под услови и во рамки на пократки рокови.

„Во пракса роковите за издавање на одобрението за градење можат да бидат дури до 8/9 месеци, во зависност од постапката за обезбедување на потребната документација, со предложените измени на Законот за ТИРЗ, се предвидува посебна постапка за издавање одобрение за градење во зоните, која ќе се спроведува под услови и во рамки на пократки рокови утврдени во овој Закон. На овој начин, се настојува да се избегне можноста за еднострано раскинување на Договорот за закуп за користење на земјиште во зоната, од страна на Дирекцијата, во случај кога корисникот на зоната нема да успее да ја исполни обврската на доделеното земјиште за користење да започне со градба во рок од девет месеца од склучувањето на договорот за закуп, а најдоцна за 30 месеца да заврши со градбата и да почне со производство, токму поради неможноста во рамки на овие рокови да обезбеди одобрение за градење“, се посочува во законското образложение.

M.В