/ Прочитано:

1.467

После ратификацијата: „Бебешки плач“ на Конвенцијата за заштита на мајчинство

Поголема здравствена заштита на бремената жена, мајката родилка и нејзиното дете, ќе овозможи поголема вклученост на жената на пазарот на труд. За ова е потребна свест и кај работодавачите, како и на засилена промоција на можноста породилно отсуство да земаат и татковците. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Македонија е меѓу земјите кои имаат најголема усогласеност на националното законодавство со Конвенцијата за заштита на мајчинството, но признаваат дека е потребно дополнително да се работи на унапредување на примената на законодството.

Ратификацијата на Конвенцијата за заштита на мајчинството во функција на подобрување и почитување на правата

„Обезбедувањето заштита на бремената жена, мајката родилка, нејзиното дете се одговорности на институциите на системот и важно општествено прашање во целина. Заради тоа Собранието на Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот, со што нашите напори добија правец, а целта беше натамошно подобрување на еднаквоста на жените на работното место и здравјето и безбедноста на мајката и детето, вели министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој додава дека покрај усвојувањето на Конвенцијата, Владатата направила и соодветни промени во Законот за работни односи, што, како што истакна, е чекор напред за утврдување дополнителни стандарди во однос на заштитата на мајката и детето.

Основната заштита на жената е овозможена со породилно отсуство

Од Министерството за труд и социјална политика посочуваат дека основната заштита на жената е овозможена со породилно отсуство кое кај нас изнесува девет месеци со што Македонија се вбројува во земјите кои имаат отсуство со најдолго траење. Потсетуваат дека минатата година се воведе и ново дополнително право на неплатено родителско отсуство со кое е предвидено работничката да го користи по завршување на основното породилно отсуство.

„Тоа трае три месеци, а работничката може да го користи до навршување на тригодишна возраст на детето. Притоа на жената и е обезбедена бесплатна здравствена заштита“, велат од таму.

Во интерес на здравје на детето, по враќањето на работа мајката има право на платена пауза за доење во траење од 1,5 час дневно во кое време се засметува и дневната пауза.

Тоа право го има работничката до наполнета една година возраст на детето.

Исто така работодавачот за време на нејзината бременост е должен да ја прераспредели на друго работно место доколку постојното може да биде ризично по нејзиното здравје.

Забрана за дискриминација, потреба од зголемена јавна свест

Забраната за дискриминација се однесува на пристапот на вработување, условите за работа и сите права од работен однос и откажување на договорот за вработување работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права кои произлегуваат од раѓање и родителство. Така работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство. При вработување утврдена е и забраната за барање други исправи и докази кои не се во непосредна врска со работниот однос, а вклучува забрана за барање на тест за бременост или потврда за таков тест при склучување договор за вработување соработничка, без оглед на работното место за кое се заснива работниот однос.

Покрај закон и регулатива, потребно е да се има и развиена свест бидејќи законите може да бидат идеални, но ако не се почитуваат реалноста ќе биде далеку од идеална, истакна министерот за труд и социјална политика.

Треба да се вложат напори да се обезбеди татковско отсуство

Според Лаура Адати, експерт за заштита на мајчинство од МОТ од Женева, со промовирањето на урамнотеженоста, односно усогласеноста меѓу семејниот живот и работата се постигнува баланс кој натаму придонесува кон поголем развој и продуктивност на самата економија бидејќи на тој начин се создаваат посреќни родители и до максимум може да се искористат нивните таленти.

„Глобалниот извештај за усогласеноста на националните законодавства со Конвенцијата 183 која се однесува на заштитата на мајчинството во кој е утврдено дека нивото на таквата усогласеност е е натпросечно во земјите од Источна Европа и Централна Азија“, вели таа.

Адити смета дека треба да се вложат дополнителни напори бидејќи постои ефективно законодавство, но тоа треба да се спроведе во пракса, да се обезбеди подобра здравствена заштита и осигурување на приходите на мајките по раѓањето на децата, особено кај ранливите групи како што се привремените вработувања, оние кои работат на определен период, самовработните, жените од руралните средини, но и да се работи и на промоција на можноста за вклучување и искористување на татковско отсуство.

Што предвидува Конвенцијата за заштита на мајчинство?

Конвенцијата за заштита на мајчинство се однесува на сите вработени жени, вклучувајќи ги и оние во атипични форми на зависна работа. За целите на оваа Конвенција, терминот жена се однесува на било кое женско лице без исклучок и дискриминација, а терминот дете се однесува на секое дете без исклучок и дискриминација. Оваа Конвенција е обврзувачка за оние членки на Меѓународната организација на трудот.

Заштита на здравјето

Секоја членка, по консултација со репрезентативните организации на работодавачите и работниците, донесува соодветни мерки за да се осигура дека бремените жени или жените – доилки не се обврзани да вршат работа која од надлежниот орган е одредена како штетна за здравјето на мајката или на детето, или каде што е проценето дека постои значителен ризик за здравјето на мајката или на детето.

Породилно отсуство

Co донесувањето на лекарско уверение или други соодветни сертификати, во зависност од тоа како што е определено со националниот закон и практика, со почетокот од датумот на породување, жената на која се однесува оваа Конвенција ќе има право на период на породилното отсуство, на не помалку од 14 недели.

Co должно внимание на заштитата на здравјето на мајката и на детето, породилното отсуство треба да вклучува период на задолжително отсуство во траење од шест недели по породувањето, освен ако не е поинаку договорено на национално ниво од страна на Владата и репрезентативните организации на организации на работодавачи и работници.

Пренаталниот дел од породилното отсуство се продолжува за било кој период што истекува помеѓу претпоставениот и вистинскиот датум на раѓање, без никакво намалување на задолжителниот дел од постнаталното отсуство.

Отсуство во случај на болест или компликации

Со донесувањето на лекарско уверение, отсуството во случај на болест, компликации или ризик од компликации кои произлегуваат од бременоста или раѓањето, ќе биде обезбедено пред или после периодот на породилно отсуство. Природата и максималното времетраење на таквите отсуства може да биде одредено во согласност со националното право и практика.

Надоместоци

Парични надоместоци се обезбедуваат во согласност со националните закони и прописи или на било кој друг начин којшто е во согласност со националната практика, на жени кои се на отсуство од работа.

Парични надоместоци ќе бидат на ниво кое е доволно за жената да може да се одржува себеси и нејзиното дете во пристојни услови на здравје и со соодветен стандард на живеење.

Кога жената не ги исполнува условите за добивање на паричен надомест според националните закони и прописи или на кој било друг начин во согласност со националната практика, таа ќе има право на соодветен надомест од фондовите за социјална помош, во зависност од проверката на материјалната состојба која е потребна за давање на таква помош.

Медицински надоместоци ќе бидат обезбедени за жената и нејзиното дете во согласност со националните закони и прописи или на кој било друг начин во согласност со националната практика. Медицинските надоместоци вклучуваат нега за време на пренаталниот период, раѓањето и постнаталниот период, како и хоспитализација кога е потребно.

Co цел да се заштити позицијата на жените во пазарот на труд, надоместоците за отсуството , се обезбедуваат преку задолжително социјално осигурување или јавни фондови, или на начин утврден со националниот закон и практика.

Работодавачот нема да биде индивидуално одговорен за директните расходи за било кој таков паричен надомест на жената вработена од негова/нејзина страна без одреден специфичен договор, освен кога:

 (a) е така предвидено со националниот закон или практика во една членката пред датумот на усвојување на оваа Конвенција на Меѓународната конференција за труд; или

 (б) последователно е така усогласено на национално ниво од страна на Владата и репрезентативни организации на работодавачи и работници.

Заштита при вработување и недискриминација

Ќе биде противзаконски доколку работодавачот го прекине работниот однос на жената за време на нејзината бременост или породилно отсуство, или во текот на периодот по нејзиното враќање на работа пропишано со националните закони или прописи, освен врз основа на причини кои не се поврзани со бременоста, раѓањето на детето и последиците од тоа или негувањето. Товарот за докажување дека причините за разрешување не се поврзани со бременоста, раѓањето на детето и последиците од тоа или негувањето, ќе му припадне на работодавачот.

На жените им се гарантира правото, после нивното породилно отсуство, да се вратат на истата позиција или еквивалентна позиција платена по иста стапка.

Секоја членка усвојува соодветни мерки за да се осигура дека мајчинството не претставуваат извор на дискриминација при вработување.

Мерките наведени во претходниот став вклучуваат забрана за барање тест за бременост или уверение за таков тест, кога една жена бара да се вработи, освен онаму каде што е потребно според националните закони или прописи во поглед нa работата, а тоа е:

(а) кога е забрането или ограничено за бремени жени или жени доилки според националните закони или регулативи; или

(б) кога постои познат и значителен ризик за здравјето на жената и детето.

Мајки-доилки

На секоја жена треба да и биде овозможено правото на една или повеќе дневни паузи или намалување на дневните часови на работа за доење на нејзиното дете.

Периодот во кој се дозволени паузите за доење или намалувањето на дневните часови на работа, нивниот број, времетраењето на паузите за доење и постапките за намалување на дневните часови на работа, се утврдуваат со националниот закон и практика. Овие прекини или намалувања на дневните часови на работа се сметаат како работно време и ќе бидат платени соодветно.

M.В/ veljanoskim@akademik.mk

8.07.2014