/ Прочитано:

3.106

ПОТРАГАТА ПО ВИСТИНАТА ТРЕБА ДА БИДЕ МИСИЈА НА СЕКОЈ ПРАВНИК: Без вистината, не може да постои ни правдата

Потрагата по вистината треба да е професионален повик на секој правник затоа што правото не може да функционира без вистината и без правдата, беше истакнато на денешната научна и стручна расправа посветена на отворените прашања во врска со доказите и докажувањето во кривичната постапка.

На денешниот настан во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ), во соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Амбасадата на САД во Република Македонија, зедоа учество меѓународни и домашни практичари и експерти, кои имаат за цел да идентификуваат примери на добри практики, како и да ги дискутираат другите судски примери од предметот на дискусијата.

Нема прашање од кривичното право, беше истакнато на денешната расправа, кое не треба да се разгледува од поширок општествен контекст, особено во делот на остварувањето на целите – правдата и владеењето на правото како нужни претпоставки на едно демократско општество чија основна улога треба да биде заштитата на човековите права.

Проф. д-р Трпе Стојановски, претседател на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, истакна дека отворените прашања во врска со доказите и докажувањето во кривичната постапка се мошне актуелни теоретски и практични прашања за кои е потребна стручна елаборација. Во изминатиот период, истакна Стојановски, се работеше на усогласување на казненото законодавство и право со меѓународните документи. Во поглед на казненото законодавство, но и остварувањето на правата, подвлече  професорот, доказите се основен сегмент на казнената постапка.

„Главното прашање е колку законите денес овозможуваат оптимална рамка во која може да се обезбедат квалитетни докази прифатливи за судот, а кои не се во функција на нагласена ефикасност на сметка на човековите права“, истакна претседателот на Здружението по кривично право и криминологија.

За владеењето на правото, особено од гледиште на примената на кривичното право, важно е да се постават јасни правила за сите и треба да се има предвид дека користењето на доказите во таа смисла претставува комплексна област, истакна шефот за политички и економски прашања во Амбасадата на САД во Македонија, Дејвид Стивенсон.

„Исто така, важно е применувањето на правилата да биде транспарентно и еднакво. Со таквата примена на правилата се зајакнува независноста на судството и обвинителството, а пак тоа придонесува во зајакната јавна доверба кон овие институции. Исто така, треба да се нагласи дека транспарентноста и независноста на судството се едно од клучните барања за интегрирање на Македонија кон НАТО и ЕУ“, нагласи Стивенсон.

За правото, истакна академик Владо Камбовски, клучни се вистината и правдата. Начелото на вистината не само што е онтолошки поврзано со кривичното право туку и со општеството во целина. Правото, подвлече академик Камбовски, не може да функционира без правдата и потрагата по вистината.

„Вистината и правдата се двете основни водечки идеи на правото. Цел на постапката е барањето секој виновен да биде осуден, а невиниот да биде заштитен и ослободен. Како ќе знаеме кој е виновен ако не ја утврдиме вистината“, истакна академикот Камбовски.

Повикувајќи се на книгата „Живот во вистина“ од Вацлав Хавел, Камбовски истакна дека за едно општество не е важен само преминот кон демократија и парламентаризам, туку важна е изградбата на вредносната општествена вертикала која подразбира живот исполнет со праведност.

„Оттука, со вистината мора да се соочиме. Соочувањето со вистината е единствениот начин македонското општество да се избори и да излезе од кризата, со што ќе тргне во помирни води и ќе биде стабилно општество кое ќе го одликуваат хуманите вредности“, посочи Камбовски.

„Начелото на вистината и потрагата по вистината треба да бидат барањата на секој правник. Се разбира, тука се наметнува и прашањето за барањето на материјалната и на процесната вистина, особено во сферата на казненото право“, додаде академикот.

Осврнувајќи се на рефлексиите на измените во процесното право во однос на доказите и докажувањето врз основните постулати на казненото право и независното судство, Камбовски подвлече дека во Законот за кривичната постапка, спорни се повеќе прашања, особено во поглед на признанието на обвинетиот, допуштеноста и недопуштеноста на доказите, како и еднаквоста на оружјата.

Според академик Камбовски, обвинетиот и неговиот бранител немаат еднаков третман во кривичната постапка, за што говорат и бројните примери од практиката. Принципот на еднаквост на оружјата – еден од елементите на концептот на фер судење, бара на секоја страна да ѝ биде дадена разумна можност да го презентира својот случај под услови кои нема да ја стават во значителна понеповолна положба во однос на нејзиниот противник.

Во таа насока, академикот подвлече дека судијата треба да се раководи од начелото за утврдување на вистината, па во случаи кога ќе забележи дека одбраната е слаба, да интервенира во насока на остварување на целите на начелото на вистината, но и во насока на заштита на правата, што е и една од основните постулати на судството.

Откако ќе бидат донесени препораките и заклучоците од денешната расправа, вели Андреј Божиновски од Здружението за кривично право и криминологија на Македонија,  ќе се подготви  извештај што ќе ги содржи резултатите од неа и тие ќе бидат објавени во посебен тематски број на „Македонска ревија за казнено право и криминологија“ – официјалниот зборник на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.

Научната расправа, посочува Божиновски, подразбира придонес кон прашањата од кривично правен аспект кои се актуализирани во поширок општествен домен и од тие причини, сите укажувања од оваа расправа се во насока на подобрување на кривичното законодавство и неговата примена, како суштински дел во остварувањето на правата на граѓаните.

M.В