/Прочитано:

528

Потребно е подигнување на свеста на жената за поактивно вклучување во програмите за вработување за да се надмине родовиот дисбаланс на пазарот на труд

Според Здружението на бизнис жени на Република Македонија во Македонија, недостига свесност за отворените можности што ги нуди претприемништвото, а со овој проблем особено се соочуваат повозрасните граѓани, бидејќи, како што беше нагласено, живееле во сосема поинакво општество. „Претприемништвото е движечка сила, за кое во нашава земја многу малку се знае и многу малку се зборува. Недостасува знаењето како да се води бизнис, недостасуваат обуки и недостасуваат добри практики“, посочи Валентина Дисовска, од Здружението на бизнис жени на Република Македонија.

Центарот за вработување на град Скопје и 11 граѓански здруженија чија целна група се жените денеска потпишаа Меморандум за соработка, со цел економско јакнење на жените од сите возрасти и нивно поголемо вклучување на пазарот на трудот.

При потпишувањето на документот беше потенцирано дека сите невработени во земјава, и мажите и жените, имаат право да ја користат финансиската помош што ја дава државата во износ од 4.000 евра за самовработување за да отворат свој сопствен бизнис.

Мора да се надмине родовиот дисбаланс на пазарот на трудот, потенцираше директорката на Центарот за вработување на град Скопје, Слободанка Алексовска, која нагласи дека сите овие активности се во насока на поттикнување на невработените жени да соберат храброст и да отворат свои приватни бизниси. За да профункционира ова како што треба, Алексовска истакна дека ќе бидат организирани заеднички обуки, трибини, едукативни средби и советувања, за да се подигне свеста на жената за нејзино вклучување на пазарот на трудот и во сите програми за вработување.

Во последниве десетина години, како што рече Алексовска, улогата на жената сѐ повеќе зазема водечко место во општеството, односно во државните институции во кои жените добиваат управувачки функции, а незанемарлив е и бројот на жените на високи позиции во приватниот сектор.

„Кај жените е зголемен претприемачкиот дух и сѐ повеќе отвораат сопствени бизниси. Досега само со поддршка на стимулативна мерка на Владата, во периодот од 2007 до 2016 година, повеќе од 3 100 жени отвориле сопствен бизнис. Во 11. оперативен план за активни мерки и услови за вработување се предвидува да се опфатат повеќе од 40 000 лица кои ќе отворат нови 10 000 работни места. Во него жените ќе имаат учество од минимум 30 проценти“, рече Алексовска. Меморандумот предвидува сите заедно да работиме за потребите на сите невработени жени и жените што веќе се претприемачи со цел промоција, поттикнување и омасовување на женското претприемништво и лидерство, како и зголемена застапеност на жените во искористување на сите активни мерки, програми и услуги од  оперативниот план за 2017 година“, рече Алексовска.

Според Здружението на бизнис жени на Република Македонија во Македонија, недостига свесност за отворените можности што ги нуди претприемништвото, а со овој проблем особено се соочуваат повозрасните граѓани, бидејќи, како што беше нагласено, живееле во сосема поинакво општество.

„Претприемништвото е движечка сила, за кое во нашава земја многу малку се знае и многу малку се зборува. Недостасува знаењето како да се води бизнис, недостасуваат обуки и недостасуваат добри практики“, посочи Валентина Дисовска, од Здружението на бизнис жени на Република Македонија.

Граѓанските здруженија оценија дека потпишувањето на меморандумот е прва иницијатива за здружување на граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор. Според нив, трипартитниот дијалог е многу важен за транспарентност на  сите одлуки и иницијативи што ќе ги преземе Центарот за вработување на град Скопје. А. Б.