/ Прочитано:

2.094

Повеќе податоци во Регистарот на педофили: задолжителна фотографија, висина на казната, информирање на судот

Понеделник, 7 јули 2014 – Прецизирање на податоците во Регистарот за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, т.н. Регистар на педофили, усогласување на кривичните дела со измените на Кривичниот законик, дополнување на податоците за овие лица кои што треба да бидат внесени, определување на органот надлежен за доставување на податоците како и определување на рокот за доставување имаат за цел измените и дополнувањата на законот за водење на ваквиот регистар кои денеска во прво читање поминаа на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Тие треба да обезбедат подобро функционирање и водење на Регистарот за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, со што ќе се овозможи превенција и заштита на децата од сексуална злоупотреба и педофилија, преку достапност на информации за лицата кои живеат во нивната околина, а кои се осудени за вакви кривични дела.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов појасни дека со измените на овој Закон, кој е донесен во јануари 2012 година, се врши прецизирање на термините и кривичните дела односно нивно усогласување со Кривичниот законик.

Се врши и дополнување на податоците што треба да бидат внесени во Регистарот, рече министерот Спасов, и тоа за висина на казната, датум на започнување на издржување на казната, датум на прекин на издржување на казната, промени во текот на издржување на казната, датум на отпуштање на издржување казна затвор, датум на бришење од регистарот и забелешка.

„Во период од 2,5 години колку се води Регистарот, го посетиле околу 280 илјади граѓани и поради тоа сметаме дека неговото постоење е целисходно и оти овозможува заштита и превенција и на децата и поголема информираност на родителите“, рече министерот за труд и социјална политика.

Додаде дека тој период бил доволен да се утврди со што може да се подобри функционирањето на овој регистар, од каде потекнала и потребата за овие измени и дополнувања.