/ Прочитано:

1.572

ПОВЕЌЕ ДИПЛОМИ, ПОМАЛКУ РАКОВОДНИ МЕСТА: Во јавниот сектор жените се на помал број раководни работни места од мажите, констатира Народниот правобранител

Анализата на доставените податоци покажува дека од вкупниот број 123.127 вработени во институциите 62.124 се мажи (50,46%), а 61.003 (49,54%) се жени, констатира Народниот правобранител во својот годишен извештај.

Во однос на раководните работни места во институциите, Народниот правобранител констатира дека застапеноста на женскиот пол на раководни работни места во институциитe изнесува 4.250 (46,61%), додека застапеноста на  машкиот пол изнесува 4.868 (53,39%).

Приближен е соодносот кај нераководните работни  места меѓу жените и мажите, при што застапеноста на женскиот пол изнесува 55.561 (49,88%), додека застапеноста на машкиот пол изнесува 55.837 (50,12%).

Од вкупниот број вработени во јавниот сектор, истакнува Народниот правобранител, 59.124 (48,02%) се со високо образование од кои 33.978 (27,60%) се жени, а 25.146 (20,42%) се мажи.

Од нив, на раководни работни  места 3.583 (39,30%) се жени, а 4.273 (46,86%) се мажи, додека на нераководни работни места 29.271 (26,28%) се жени, а 19.549 (17,55%) се мажи.

Од изнесените податоци, Народниот правобранител констатира дека и покрај тоа што од вкупниот број вработени во јавниот сектор со високо образование, жените се во поголем број од мажите, сепак последователно со години  наназад на раководните работни места мажите се повеќе застапени.

 Во однос на половата структура и степенот на вишото образование, од вкупниот број вработени во јавниот сектор 6.215 (5,05%) се со вишо образование, од кои 3.389 (2,75%) се жени, а 2.826 (2,3%) се мажи.

Од нив на раководни работни места 165 (1,81%) се жени, а 142 (1,56%) се мажи. На нераководни работни места 3.224 (2,89%) се жени, а 2.659 (2,39%) се мажи.

Врз основа на изнесените податоци, Народниот правобранител констатира дека со вишо образование во јавниот сектор повеќе се вработени жени отколку мажи, кој сооднос е еквивалент на раководни работни места.

Од вкупниот број вработени во јавниот сектор, 46.285 (37,59%) се со средно  образование, од кои 19.748 (16,04%) се жени, а 26.537 (21,55%) се мажи, од нив на раководни работни места 487 (5,34%) се жени, а 511 (5,60%) се мажи, додека на нераководни работни места 19.234 (17,27%) се жени, а 25.979 (23,32%) се мажи.

Врз основа на овие податоци, Народниот правобранител констатира дека со средно образование во јавниот сектор повеќе се вработени мажи отколку жени, што се отсликува и на соодносот на раководните работни места.

 Анализата на податоците покажа дека од вкупно вработени во јавниот сектор 11.516 (9,35%) се со основно образование, од кои 3.847 (3,12%) се жени, а 7.669 (6,23%) се мажи.

„Имајќи ја предвид ваквата состојба, Народниот правобранител повторно и оваа година укажува на потребата од почитување на принципот на еднаквост меѓу мажите и жените, односно  соодветна распределба на работните места по основ на пол и степен на образование, особено на раководните работни места“, вели Народниот правобранител.

Минатиот месец Државниот завод за статистика објави податоци за број на докторирани и магистрирани лица за 2016 година. Според податоците, повеќето од магистрите и докторите на наука се жени.

Бројот на жени што одбраниле докторска дисертација во текот на 2016 година изнесува 111 кандидати, што претставува 56.3% од вкупниот број лица кои докторирале во 2016 година, додека пак учеството на жените магистри во вкупниот број лица кои стекнале научен степен магистер на науки во 2016  година изнесува 58.9%.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на дипломирани жени изнесува 4.831 или 57.1% од вкупниот број дипломирани студенти. Од вкупниот број вработени жени кој изнесува 282.078 во 2015, 76.3% се вработени во деловни субјекти во приватна сопственост. Од вкупниот број вработени жени во 2015 година, 95.3% се вработени со цело работно време.

Повеќето од магистрите и докторите на наука се жени – Државниот завод за статистика објави податоци од областа на науката и образованието

М.В