/ Прочитано:

1.269

ПОВЕЛБАТА ЗА СОЛИДАРНОСТ: Први Мај не е ден за скара, туку ден за борба за нашите права!

Чеврток, 30 април 2015 – Синдикатите и организациите членки на Повелбата за солидарност, по повод Меѓународниот ден на работничката борба – Први Мај, организираат протест за социјална правда и работнички права.

Тие ги повикуваат сите работници, невработени, хонорарци, социјалци, стечајци и осиромашени граѓани да излезат на протестот бидејќи како што велат, сиромаштијата е повисока од кога било, работничките права се кршат секојдневно, невработените се бришат од евиденција наместо да им се најде работа и класните разлики се највисоки во Европа.

Протестот ќе започне точно напладне од споменикот на предвоени синдикати, ќе продолжи пред Собранието, Министерството за труд и социјала и ќе заврши пред Владата.

„Власта целосно ја деградира социјалната држава и политичките елити манипулираат и го ограбуваат народот. Изминатата година особено беа на удар:

– Вработените во јавниот сектор, а посебно во администрацијата, на кои им се наметнаа бројни нови правила за полесна контрола и полесно отпуштање на неподобните;

– Хонорарните работници, кои, принудени да живуркаат од хонорари наместо да имаат редовна плата, се изложени на осиромашување поради наметнатата обврска да плаќаат придонеси за хонорарите;

– Вработените во образованието, на кои фактички им е укинато правото да штрајкуваат преку легализирањето на штрајкбрехерството.

Покрај ова, треба да се напомене и континуираниот игнорантски однос на Власта кон вековниот проблем на стечајните работници, како и пресудите за невработените лица по повод кривичните пријави од Фондот за здравствено осигурување.

Жолтите синдикати, по обичај, ќе го преспијат Први Мај! Но ние, автентичните синдикати и организации за заштита на работничките права, ќе го кренеме нашиот глас! Дојдете ЗАЕДНО да го кренеме гласот против социјалната неправда и против кршењето и намалувањето на работничките права! Први Мај не е ден за скара, туку ден за борба за нашите права!“, се вели во повикот за протестот.

Повелбата за солидарност ја сочинуваат: Синдикатот на УПОЗ, Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на културата на РМ, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Движењето за социјална правда „Ленка“ и Левичарското движење „Солидарност“.

Два посебни протести

Денот на трудот, инаку годинава ќе биде одбележан на два посебни протести.  Покрај потписниците на Повелбата за солидарност, по долга  пауза ќе маршира и ССМ.

„Сојузот на синдикатите на Македонија на 01.05.2015 година ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај со реализација на  МАРШ НА СОЛИДАРНОСТА кој ќе започне со собирање на платото пред зградата на ССМ во Скопје до 12 часот.

Учесниците на маршот ќе се движат по утврдена патека од пред зградата на ССМ во Скопје покрај Собранието на Република Македонија и на манифестацијата ќе биде прочитан првомајскиот манифест со неколку пораки:

  • Колективни договори за сите;
  • За сигурни работни места, работен однос на неопределено време;
  • Сигурни плати за сите работници“, се вели во соопштението на ССМ.