/ Прочитано:

821

ПОВТОРНО СУДЕЊЕ – „РОВЕР“: Судскиот совет ќе ја изрече пресудата

Среда, 19 ноември 2014 – Денеска во 13 часот се очекува да биде изречена пресудата за случајот „Ровер“ каде во во повторена постапка им се судеше на десет лица меѓу кои и на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски.

Повтореното судење за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во 2001 година, следува откако скопска Апелација  во април годинава ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење поради низа пропусти кои се направени во постапката.

На судењето што со истото обвинение стартуваше во јули, Бошкоски, кој за помагање на убиство беше осуден првично на 12 години, отворено го изразуваше револтот против судечкиот совет и бараше изземање на судијата Илија Трпков. Својот револт за овој процес, во којшто неколку пати беше отстранет од судницата поради недолично однесување, го објасни со непочитувањето на правната држава од страна на судот. Тој исто така  обвини дека казните се договараат по телефон и во скопски кафеани, а бараше и психијатриско вештачење на судијата Трпков.

„Имаме докази за телефонски разговори во кои се кажуваат годините и висините на казните. Во скопски кафеани се договара висината на казната, не само за мене, туку и за другите кои се во Идризово. Судот е нем послушник на извршната власт. Јас и кога барав психијатриско вештачење за судијата не мислев никого да навредам, туку да им помогнам на судиите да си ја отворат душата за притисокот којшто им се врши и дека условите за работа се ненормални“, рече Бошкоски на минатото рочиште, напоменувајќи дека својот завршен збор ќе го даде во друго време.  

Тој, меѓу другото, наведе дека судијата кој го води процесот треба да подготвува одбрана за обвинение за злоупотреба на службената положба кое ќе биде покренато против него. 

Не помалку жесток беше и обвинетиот Зоран Трајковски, шеф на обезбедувањето на Бошкоски во 2001 година, кој се наоѓа во притвор повеќе од 2 години. Трајковски, кој со првата пресуда беше осуден на 10 години затвор, во своето излагање посочи и на грубо кршење на законот од страна на судскиот совет.

„Предметот се брзаше, болните се правеа здрави, а притвор од 26 месеци се пресметуваше како притвор од 14 месеци“, подлече  Трајковски.

Одбраната во завршен збор побара ослободителна пресуда за обвинетите. Бранителите наведоа дека судскиот совет кој го води предметот не ги следел насоките на Апелациониот суд, дадени по укинувањето на првостепената пресуда. Според нив, сторено е грубо кршење на постапката од страна на Судот и Обвинителството, а наспроти ова нема докази, ниту пак беа изведени нови докази кои укажуваат на вина кај обвинетите. 

Во текот на постапка постојано се тврдеше дека судот, всушност, не сака да ги обезбеди првите четворица обвинети Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ на кои им се судеше во отсуство и кои со првата пресуда беа осудени на доживотна казна затвот.

Обвинителството, пак, остана на завршниот збор од претходната постапка.

Со првичната пресуда, обвинетите Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, добија по осум години затвор, додека Гоце Митревски и Никола Негриевски добија по шест години затвор.

Бошкоски моментално ја издржува затворската казна за случајот „Кампања“, во којшто е осуден за нелегално финансирање на политичката кампања за претседателските избори во 2011 година.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.

Е. П.