/ Прочитано:

1.094

Познатиот американски адвокат Стивен Хиршфелд ќе има свое излагање на семинарот на Академик за напредни правни практики по работно право и градежништво во Охрид

Понеделник, 27 април 2015 – На 11 и 12 мај, во хотел „Метропол“ во Охрид, Академик ќе одржи дводневен Семинар за напредни правни практики по работно право и градежништво. Семинарот претставува дел од  серијата едукативно-практични семинари на коишто се обработуваат најважните правни теми преку примери од практиката, но и преку научно-студиозните елаборации на правната наука, со цел совладување на правната материја и проблематика од современите правни области.

На семинарот посветен на правните практики и за правната регулатива, кои се однесуваат на работното право и на градежништвото, ќе говорат угледни предавачи и врвни стручњаци, познати и признати имиња од современата правна наука, од регионалното правосудство, од државните институции и од адвокатурата.

Покрај еминентните предавачи, своето учество на семинарот го потврди и  Стивен Хиршфелд, еден од најпознатите американски адвокати за работно право, кој ќе има свое излагање за спецификите на работните односи во градежништвото во Калифорнија, САД.

Г. Стивен Хиршфелд е основач на Алијансата за работно право, најголемата и најугледната мрежа на адвокатски канцеларии за работно право во светот, која брои повеќе од 120 членки.

Изминативе седум години г. Хиршфелд е меѓу стоте врвни адвокати за работно право во САД, а во своето портфолио ги има најголемите американски работодавачи на кои им дава консултантски услуги од областа на работните односи.

Познат е и по успесите во најзначајните судски спорови од сферата на работното право во САД, а поради познавањата од работното право често има предавања  на престижните американски универзитети.

Г. Хиршфелд во својот делокруг на работа промовира и применува креативни практики за советување на клиентите, за изнаоѓање решенија за проблемите што се појавуваат низ трудовата сфера во рамки на деловните ентитети, како и за застапувањето на клиентите пред државните и федералните судови и во административните и арбитражните постапки.

На 11 и 12 мај во Охрид: АКАДЕМИК ОРГАНИЗИРА СЕМИНАР ЗА НАПРЕДНИ ПРАВНИ ПРАКТИКИ ПО РАБОТНО ПРАВО И ГРАДЕЖНИШТВО