/ Прочитано:

2.224

Практичното знаење овозможува студентите по право да се запознаат со суштината на примената на правото

Во Македонија правници и студенти по право има многу, но практика има малку. Практичното знаење, како што се вештините за правно пишување и пишување и подготовка на правни акти, истакнуваат студентите по право, речиси и да се непознатица во правничката едукација.

Оскудноста од практично знаење создава тешкотии во понатамошното снаоѓање на идните практичари 

„Велат дека не може да постои теорија без практика, ниту пак практика без теорија. Теоретско-практична едукација уште од студентските клупи значи многу за нашиот иден развој како правници…“

„Сакаме да знаеме да подготвуваме правни акти уште за време на студиите, па понатаму да можеме тоа знаење да го примениме практично. Од секој дипломиран правник се очекува да знае да напише тужба, жалба, приговор…“

„Она што теоретски ќе се научи мора да се примени практично, но не само низ професијата туку и низ студирањето затоа што практиката е потврда за квалитетот на теоретската наобразба…“

 „Практичното образование е поврзано и со правното резонирање и правната логика. Во теоријата, особено онаа што се фокусира на процесното законодавство, секогаш се нагласува значењето на актите во врска со почетокот и одвивањето на една постапка, граѓанска, кривична или управна….“

„Оскудноста од практично знаење кое е стекнато во текот на правните студии генерира тешкотии во понатамошното снаоѓање на идните практичари во институциите кои го сочинуваат правниот лавиринт…“, се едни од почестите коментари на студентите по право.

Практичното знаење овозможува младите правници да се запознаат со суштината на примената на правото

Златко Јакимовски, студент на магистерски студии по казнено право, вели дека  практичната подготовка во текот на самите студии е од есенцијална важност за младите правници кои се стремат да градат кариера на практичари.

„Правничката практична работа најчесто претпоставува непосреден контакт на младиот правник со кривичната, граѓанската, управната постапка (која во себе ја вклучува и даночната постапка) и кога станува збор за практична работа и подготовка во текот на студиите, неминовно е да се напомене дека предметите од областа на процесното право најчесто се изучуваат во текот на завршните студиски години што претставува објективна неможност за младите правници, во насока на интегрално практикување на правото, во вистинската смисла на зборот. Тоа значи дека еден млад правник треба самоиницијативно фронтално да се соочи со предизвикот на изучување на нормите од областа на процесното право за да може да се снаоѓа во проблематиката (пишување службени белешки, обвинителни акти за потребите на менторот, доколку се практикува во ЈО, или пак пишување тужби, редовни и вонредни правни лекови за потребите на определена адвокатска канцеларија). Меѓутоа, практичната работа, без разлика на формата во која се извршува (практика, волонтирање, приправнички стаж, редовен работен однос), им овозможува на младите правници да се запознаат одблизу со самата суштина на примената на правото, што во иднина ќе им обезбеди конкурентска предност пред другите колеги кои апстинирале од правната практика во текот на студиите“, вели Јакимовски.

Објективниот недостиг од практична подготовка во текот на правните студии, од денешна гледна точка, додава Јакимовски, несомнено претставува системски генериран проблем поради интегрираните студии (додипломски + мастер-студии) кои имаат единствена интенција студентите да ловат во магла бројки наречени кредити што нив ги мутира во определени квазинаучници во дигиталната ера.

Практичното применување на правото им помага на студентите полесно да ги положат предметите од областа на процесното право

„Научните мастер-студии во нормалните општества претставуваат ексклузивност за оние студенти што сакаат да се занимаваат со наука, додека пак мнозинството студенти уште од почетните стадиуми во студирањето се насочуваат кон практичната примена на правото. Далеку попрагматично за идните правници би било решението во текот на мастер-студиите, наместо да се занимаваат со изработка на определени научноистражувачки работи кои најчесто се последица на плагијат и интелектуална кражба, да се оди со решението студентите да поминат определен број работни денови во практична работа при примената на правото“, вели Јакимовски.

Практичното применување на правото во текот на студиите, истакнува Златко Јакимовски, им помага на студентите најпрво полесно да ги положат предметите од областа на процесното право, а воедно и ја изострува нивната апстрактна правна логика, гледано низ призмата на материјалното право и креацијата на умот која треба да резултира со определена правна квалификација во врска со определен правен однос.

„Ова се чини единствено логично решение кое би можело да ни помогне да ‘побегнеме’ од состојбата во која студентите се латентни жртви на конјункција од полунаучници и практичари во (неподобен) обид кои се на ставот дека по завршувањето на своите студии ќе се стекнат со својство на правно лице“, посочува Јакимовски.

Секој правник мора да располага со вештини за правно пишување

Во истражувањето „Анализа на реформите кои (не) го унапредија правното образование“ на Македонското здружение на млади правници, се укажува дека секој правник мора да располага со вештини за правно расудување и анализа, за правно пишување и за правен говор, како и за правно истражување. Практичните вештини мора да се застапени за време на студирањето, бидејќи само на тој начин правното образование може да биде комплетно. Дисциплината, како што е номотехниката,  е суштинска за правното образование и на оваа дисциплина мора да ѝ биде ставен поголем акцент за време на студирањето.

Во Македонија е потребно повеќе практично правно образование

Д-р Светлана Зашова, која ја заврши Француската правосудна академија, вели дека споредбено со едукацијата во Франција, на македонското правничко образование му е потребно повеќе практика.

„Од она што го знам од кажувањата на пријатели што ги завршија своите студии тука, а споредувавме често со тоа како се одвиваа моите студии во Франција, мислам дека единствена  забелешка е дека не се обрнува доволно внимание на практиката. Кога ние полагавме испити, тоа не беа испити за кои треба да се  прераскаже знаењето од некој учебник,  туку полагавме врз база на фиктивни случаи во рамките на граѓанското и кривичното право. Ништо не беше учење напамет. Ги имавме оние ‘кодови’, граѓанскиот и кривичниот кодекс и просто требаше да го примениме кодот. Тука имам впечаток дека е премногу теоретски. Значи, студентот треба да го научи тоа, да го меморира просто и да го прераскаже на таков начин како што  е напишано во книгата. Тоа во Франција не може да се случи и мене ми беше мило поради тоа, бидејќи ми одговара тој начин на учење. Сметам дека ова треба да се смени во правното образование во Македонија“, истакнува Зашова.

М.В