/ Прочитано:

929

ПРАТЕНИЧКИ ПОЛЕМИКИ ЗА КАЗНИТЕ: Комисијата за утврдување на критериумите за одмерување на висината на казната ќе го суспендира авторитетот на Врховниот суд

Пратениците, членови на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија, го разгледаа Предлог-законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната – прво читање.

Дали Комисијата за утврдување на критериумите за одмерување на висината на казната ќе го суспендира авторитетот на Врховниот суд – централно прашање на дискусијата во рамките на комисиската расправа.

Предлог-законот треба да е предмет на анализа на пошироката експертска јавност

Според пратеникот Павле Трајанов, Предлог-законот треба да е предмет на анализа и на пошироката експертска јавност бидејќи во казнено-правните системи во светот не постои вакво законско решение за одмерување на висината на казните, како и дека постои можност ова законско решение да го наруши правниот систем во Република Македонија.

Трајанов е согласен дека постои нееднаквост при одмерување на казните, но регулирањето на висината на казната треба да се внесе и да стане дел од Кривичниот законик за да се гарантира правната сигурност во вкупниот правен поредок на државата.

„Овој закон е преседан“

Во однос на Комисијата за утврдување на критериумите за одмерување на висината на казната која е предвидена со законот, Трајанов вели дека постои сомнеж за објективноста и за можноста таа да го суспендира авторитетот на Врховниот суд, а со тоа да врши притисок врз судиите и да го загрози правниот поредок во државата.

„Овој закон е преседан бидејќи е надвор од пакетот закони кои се однесуваат на кривичната и на казнената политика“, смета Трајанов, за кого не е спорно дека е потребен систем за одмерување на казната, но, според него, тој треба да се вметне во постојните закони од оваа област.

Законодавната власт врши упад во независноста на судската власт

Пратеникот Кенан Хасипи во својата дискусија истакна дека со Предлог-законот и со формирањето на Комисијата предвидена во него, законодавната власт врши влијание и еден вид упад во независноста на судската власт. Пратеникот укажа на постоењето на нееднаквост при изрекување на казните, но исто така дека постои разлика во случаите за кои се одлучува. Понатаму пратеникот се согласи со  потребата за поставување рамка за одмерување на казните, но укажа дека таа треба да се инкорпорира во постојните законски решенија од оваа област.

Решенијата ќе доведат до изедначување на одмерувањето на казните низ судовите

Пратеникот Иван Иванов искажа поддршка за Предлог-законот и посочи дека решенијата во Предлог-законот ќе доведат до изедначување на одмерувањето на казните низ судовите на територијата на Република Македонија. Преку посочени примери, пратеникот укажа на нееднаквост при одмерувањето на казните, како и дека тоа остава можност за сомнеж за злоупотреба при изрекување на казните. Пратеникот Иванов ја посочи превентивната компонента на Предлог-законот со постоење на критериумот поранешен живот на сторителот при одмерување на висината на казната во однос на повторните прекршители.

Да им се помогне на судиите при одредување на казната со поставени објективни критериуми“

Државниот секретар во Министерството за правда, Илија Ристевски, од својство на  повереникот рече дека овој закон е  дел од поголем пакет реформи во кривичното законодавство.

Ристевски посочи дека намерата на ова законско решение е со поставени објективни критериуми да им помогне на судиите при одредувањето на казната, а Комисијата што е предвидена со Предлог–законот, која има задача да мониторира при изрекување на казните, има советодавна улога и доставува извештаи до Собранието на Република Македонија.

Државниот секретар во Министерството за правда укажа дека независноста на судството и на Врховниот суд е уставна категорија со своја надлежност, додека Комисијата е предвидена како оперативно тело.

Во однос на објективноста на Комисијата, Ристевски посочи дека таа ќе се избира во Собранието кое ќе ги именува нејзините членови, како и дека со тоа се намалуваат можностите за каков било сомнеж во нејзината работа.

Комисијата за воедначување на казнената политика во Предлог-законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната

Според преложениот Закон, Комисија за воедначување на казнената политика е дефинирана како независно и советодавно тело кое се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Комисијата е составена од седум члена кои ги избира Собранието на Република Македонија, со право на повторен избор од кои:

  • два члена се избираат по предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија, од редот на јавните обвинители со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја,
  • два члена се избираат по предлог на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја,
  • еден член се избира по предлог на Адвокатската комора на Македонија од редот на адвокатите со најмалку 10 години работно искуство во кривичната материја,
  • еден член се избира по предлог на министерот за правда, од редот на редовните или вонредните професори по предметите од казнената област и
  • еден член се избира по предлог на Владата на Република Македонија, од редот на редовните или вонредните професори по предметите од казнената област.

Во Предлог-законот се утврдува дека Комисијата има надлежности да ја следи и да ја анализира казнената политика на судовите во Република Македонија, потоа да предлага мерки за обезбедување на сигурност и правичност во исполнувањето на целите на казнувањето, заради избегнување на неоправдан диспаритет меѓу сторителите на кривични дела со слични карактеристики осудени за исти или слични кривични дела, да доставува предлози до Министерството за правда на Република Македонија за изменување и дополнување на Кривичниот законик, како и да доставува годишни извештаи до Собранието на РМ, Министерството за правда доставува известувања до Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавни обвинители, Врховниот суд на Република Македонија и Јавниот обвинител на Република Македонија за примената на овој закон по судови и дава предлози и укажувања за начинот на воедначување на казнената политика.

>>>ПРАВИЛНИКОТ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ВАЖИ: ПРЕДЛОГ – ЗАКОН за одредување на видот и одмерување на висината на казната

М.В /veljanoskim@akademik.mk 25.12.2014