/ Прочитано:

1.681

Пратениците денеска ќе го разгледуваат предлогот за импичмент на Иванов

Комисијата за оценување го оцени предлогот како неоснован. За да помине на пленарна седница, предлогот треба да го поддржат 82 пратеници. Собранието доколку го изгласа извештајот, за Иницијативата за импичмент треба да се произнесе и Уставниот суд.

Собрание внатре

Предлогот за импичмент на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, поднесен од пратениците на СДСМ, поддржан од пратеничката група на ДУИ, денеска ќе биде разгледан на пленарна седница во Собранието.

Комисијата за оценување го оцени предлогот како неоснован. За да помине на пленарна седница, предлогот треба да го поддржат 82 пратеници. Собранието доколку го изгласа извештајот, за Иницијативата за импичмент треба да се произнесе и Уставниот суд.

Рената Дескоска од СДСМ при образложувањето на предлогот истакна дека основната причина за поднесувањето на Иницијативата е отсуството на секаква одговорност и арбитрарното однесување на актуелната власт.

Таа истакна дека претседателот Иванов ги злоупотребил својата положба и овластувањата и ја пречекорил својата надлежност.

„Претседателот прекрши повеќе членови од Уставот, членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, понатаму принципите на владеење на правото и поделба на власта од членот 9, членот 68 став 1 алинеја 1 и 8, понатаму членот 84 и членот 106“, рече Дескоска.

Одлуката на Иванов е основана и законска, особено поради фактот што иако го поддржавме СЈО, тоа почна да работи пристрасно и да ја игнорира институцијата Собрание која го формираше ова обвинителство, истакна Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ со оваа правно неиздржана иницијатива се обиде да ѝ нанесе удар и на последната институција во државава која не ја нападнаа, а тоа е Претседателот на РМ. Верувам дека тие не се ни свесни во каков лавиринт ја воведоа државата во време на безбедносни предизвици поради бегалската криза во која претседателот Иванов имаше голема улога за справување на земјата со бранот на бегалци“, рече Мукоски.

Опозицијата ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај Иванов ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Тој им порача на преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив. Потоа на 6 јуни, Иванов ги поништи и останатите одлуки за помилување.

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ИМПИЧМЕНТ НА ИВАНОВ: Претседателот ги прекрши принципите на правда, одговорност и еднаквост