/ Прочитано:

786

Пратениците го изгласаа Законот за специјален обвинител

Вторник, 15 септември 2015 – Собранието на Република Македонија попладнево со 111 гласа „за“ и ниту еден „воздржан“ и „против“ го донесе Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка.

Во рамки на дискусијата координаторот на пратеничката група на ВМРО­ДПМНЕ Илија Димовски истакна оти на ваков начин конечно после повеќе месеци шпекулации, манипулации и лаги ќе се расчисти опозицискиот обид за дестабилизација на државата.

Време е маглата да се тргне, рече Димовски, да завршат шпекулациите и лагите и време е да ја погледеме вистината низ една формално­правна рамка како што и доликува на сериозна држава. Овој Закон, смета тој, е можност да дознае вистината и чекор поблизу до нови вонредни парламентарни избори кога граѓаните ќе го кажат конечниот збор и избори, кои како што рече, СДСМ ќе ги загуби.

За координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери донесувањето на овој закон е, како што посочи, почеток на крајот на агонијата на македонските граѓани. Од утре, рече Џафери, треба да се фокусираме на обврските кои претстојат. Побара, за нив решенијата да не се донесуваат во 5 до 12, како што рече, како денешното, бидејќи тогаш може да се донесат неодржливи или лоши решенија.

Петре Шилегов истакна дека ова е чекор кој води поблиску кон преодна влада, оставка на премиерот и како што рече, организирање фер избори. Законското решение, рече, е повеќе од она што сите очекувале, бидејќи не се однесува на едно лице туку на посебен орган. Начинот на избор на специјалниот обвинител, рече тој, ја гарантира независнота во неговата работа.

Пратеникот од ДС Павле Трајанов смета дека решението не е доволно добро и оти нема да ги донесе посакуваните резултати, пред се, поради, како што рече, тоа што во него не се предвидени казнени одредби за лица или институции кои нема да соработуваат со специјалниот обвинител. Трајанов предложи амандман  да се воведат затворски казни од три до пет години за оние кои што ќе прикријат информации или ќе дадат лажни информации за постапките по кои ќе работи обвинителот, но предлагачите на законот  го одбија предлогот со образложение дека вакви казнени одредби биле предвидени со други закони.

За Роза Топузова Кароска спорна е уставноста на Законот, без оглед на тоа што произлегол од политички договор.

Пратеничката Солза Грчева смета дека Законот е формалност без суштина, дека е лошо напишан и оти тој воопшто не е чекорот кој требало да биде преземен како излез од сегашната политичка ситуација. Не е уверена оти ова законско решение е вистинското и оти ќе ги даде резултатите кои ги очекуваат македонските граѓани. Иако смета дека законското решение не е гаранција дека работата ќе биде завршена пратеничката Лилјана Поповска е уверена оти е добра појдовна точка и правиот пат за Македонија.

За Беким Фазлиу од ДПА ова е добар почеток. Согласноста од ДПА, рече, е дадена по уверувањата дека сериозно ќе им се пристапи на прашањата на законските решенија кои се однесуваат на изборите.

Согласно предложениот закон за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници во Парламентот, Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието, без објавување на јавен оглас, го избира Јавниот обвинител, со мандат од 4 години со право на повторен избор.

Собранието ќе го утврди кандидатот за Јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и ќе го поднесе до Советот на јавни обвинители на Република Македонија. Советот ќе го избере јавниот обвинител на седница на која се присутни најмалку две третини од вкупниот број членови.

Работните групи на политичките партии рано утрово се договорија Катица Јанева, јавен обвинител на ОЈО Гевгелија да биде специјален јавен обвинител, обврска од договорот од Пржино за надминување на политичката криза. / MИА  

>> ИНТЕГРАЛНО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ: Целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела  >> КАТИЦА ЈАНЕВА: Шеф на гевгелиското Обвинителство, едукатор во Академија и поранешен стручен соработник во суд